Вкупно 39 припадници на Министерството за внатрешни работи погрешно постапиле по пријавите за семејно насилство кои досега биле поднесени против Стојанче Јовановски – сопругот на Ивана од Скопје која на почетокот на март годинава почина по пад од балкон со нивната шестгодишна ќерка Катја.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР утврди пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници кои постапувале по пријавите за семејно насилство. Одделот достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, соопштуваат од МВР.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ден по трагичниот настан изјави дека полицијата била повикана и на 2 март, кога била примена пријава за расправија меѓу сопружниците, но дека Ивана изјавила дека немало физички контакт меѓу неа и нејзиниот сопруг, односно дека се работело за недоразбирање, и дека брачните односи ги решава преку барање за развод, по што полицајците си заминале.
Во текот на 2025 и оваа година имало неколку пријави за нарушени меѓучовечки односи и физички напади меѓу сопружниците, но Ивана според Тошковски, се откажувала од поведување постапки.
„Не тврдам дека полицијата постапила совршено во изминатиов период од година, две, три колку што траело сето ова што се случувало претходно. Истрагата ќе ја спроведеме максимално во детали и ќе утврдиме сe што е од значење за истата“, изјави министерот за внатрешни работи Тошковски ден по трагедијата.
Во меѓувреме, од ОЈО ГОКК информираа дека известувањето од МВР е доставено до Обвинителството во текот на вчерашниот ден, а ќе биде дадено на постапување на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
