Вести Македонија Најважни

Повеќепати бил пријавуван, имал 10 кривични пријави – уапсен сопругот и татко на двете жртви во Карпош

Пријава за семејно насилство претходела на падот од балкон на Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја, а нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски е уапсен и се гони за неколку кривични дела. На 2 март била примена пријава за расправија меѓу сопружниците, по што полицијата се упатила на лице место, а Ивана изјавила дека немало физички контакт меѓу неа и нејзиниот сопруг, дека се работело за недоразбирање, не бара поведување на постапка и дека брачните односи ги решава преку барање за развод.

Министерот за внaтрешни работи Панче Тошковски изјави дека во текот на 2025 и оваа година имало неколку пријави за нарушени меѓучовечки односи и физички напади меѓу сопружниците, но Ивана се откажувала од постапки. А министерот потврди дека полицијата и покрај тоа треба да постапува кога има загрозување на сигурноста.

„Треба да постапува и полицијата постапувала и за многу голем број од она што сум информиран од дејствијата кои што ги преземала имаме повратно од страна на жртвата дека немало физички контакт, немало насилство и итн. Дозволете ми, јас не тврдам дека полицијата постапила совршено во изминатиов период од година, две, три колку што траело сето ова што се случувало претходно. Истрагата ќе ја спроведеме максимално во детали и ќе утврдиме сe што е од значење за истата“, рече Тошковски.

Иако кај Ивана немало телесни повреди и кобниот ден се откажала од постапката, сега полицијата има и видео од денот на нејзината смрт како Јовановски ја удира.

„МВР има обезбедено видео запис каде што јасно и недвосмислено се гледа како сторителот, сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но е сигурно истиот ден“, додаде Тошковски.

На Јовановски засега му се ставаат на товар наведување за сторување на самоубиство, нанесување на телесни повреди, повреди поврзани со семејно насилство и загрозување на сигурноста. Обвинителството врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден.

„Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна. Денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации. Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

Министерството за социјална политика изврши вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи – Скопје. За прв пат сопружниците биле евидентирани во Центарот лани на 7 октомври по барање на Основниот граѓански суд за постапување по тужба за развод. На 2 февруари годинава примиле и допис од МВР за настан од 19 декември за физички напад на сопругот врз сопругата. Оттаму велат дека нема да дозволат институционални слабости да останат неадресирани.

„Заштитата на жртвите на насилство и превенцијата од семејно насилство се врвен приоритет и Инспекцискиот надзор е во тек, а по неговото завршување, министерството транспарентно ќе ја информира јавноста за наодите и за натамошните мерки. Министерството будно ќе го следи случајот и ќе преземе сè што е во негова надлежност за да се обезбеди целосна одговорност и зајакнување на системот на заштита“, велат од МТСП.

Против Јовановски имало и 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти, недозволена трговија со дрога. Бил фатен со 19 грама марихуана и 7 грама амфетамини во багажникот на неговиот автомобил по што добил мерки на претпазливост. Било поднесено и обвинение против него за насилство кон трето лице, заедно со други соучесници, како и обвинение за напад врз службено лице заедно со неговата почината сопруга.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Дваесет и два дена загадена вода се вбризгувала во гостиварскиот водовод

Kristina Kuzmanovski

Д-р Ристески предупредува за здравјето на гостиварци: Долготрајни дегистивни проблеми, намален имунитет, отпорност на антибиотици

Kristina Kuzmanovski

Азески во Брунен, Швајцарија, во врска со организацијата на конференцијата за трговските марки и нетарифните бариери

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе