Вести Свет

Трамп и натаму со контрадикторни пораки – мoжеби ќе го заземе островот Харг иако и преговорите добро одат

По викендот поминат во играње голф на својот имот во Мар а Лаго, американскиот претседател, Доналд Трамп, повторно испрати контрадикторни пораки за текот на воените операции против Иран и неговите планови. Можеби ќе постигнеме договор со Иран, во преговорите кои се одвиваат добро, но можеби и нема. Можеби ќе го заземеме главниот енергетски центар на Иран, островот Харг, од каде поминува речиси 90 % од извозот на нафта во државата,  но можеби и нема.

За разлика од другите американските војни во минатите децении, овој американски претседател, нема никаков проблем да го каже тоа што некои други лидери на САД никогаш не би го кажале.

„Да бидам искрен со вас, моја омилена работа е да ја земам нафтата во Иран, но некои глупави луѓе во САД би рекле: Зошто го правиш тоа? Но тоа се глупави луѓе“ – изјави Трамп за Фajненшл Тајмс.

Коментарите на Трамп доаѓаат додека САД распоредија дополнителни 3 5000 американски војници во регионот, зголемувајќи ги шпекулациите за копнена инвазија на Иран.

Но шефот на американската држава истовремено тврди дека преговорите со Иран одат многу добро.

Имавме многу добри преговори денес со Иран, добивајќи многу работи што требаше да ни ги дадат одамна. Ќе видиме како ќе се развијат работите. Но тие се многу добри, напредуваат многу убаво. И денес уништија многу дополнителни цели. Морнарицата е елиминирана. Военото воздухопловство е елиминирано. Ние тоа го знаеме. Но ние уништивме многу, многу цели денес. Беше голем ден. И преговараме со нив директно и индиректно. Имаме емисари, но исто така се занимаваме директно и, како што знаете, тие се согласиле да испратат осум бродови пред два дена, а потоа додадоа уште два.“ – изјави Трамп.

Покрај островот Харг, американските десантни единици, маринци и специјални сили би можеле да бидат распоредени со цел да го нормализираат трансферот на нафта низ Ормутскиот теснец но и да ги запленат околу 450-те кг збогатен ураниум на Иран, пишуваат американските медиуми.

Спикерот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, претходно веќе изјави дека иранските војници нестрпливо ги чекаат американските копнени трупи за да се пресметаат со нив. Официјален Техеран, барем според тоа што го зборува јавно, смета дека изјавите на Трамп за мировните преговори се само обид за дефокусирање од вистинските негови намери – за копнена инвазија на исламската република.

Иран најави и дека ќе се одмазди за нападите против станбените објекти во државата, во кои биле убиени голем број цивили.

„Во светло на злонамерните дејствија и терористичките мерки на американско-ционистичките непријатели, како и нивното таргетирање на станбени домови на иранскиот народ во различни градови, вооружените сили на Исламската Република Иран, како одмаздничка акција, ќе ги таргетираат резиденциите на американски и на претставници на ционистичкиот режим — команданти и политички функционери — во регионот и во окупираните територии“ – рече потполковникот Ибрахим Золфагари, портпарол на иранската војска.

Иранските власти размислуваат и да воведат транзитни такси за танкерите кои минуваат низ Ормутскиот теснец и дека според новиот систем, нема да биде дозволен премин „без дозвола“ од Иран.

Војната има драстичен ефект и врз цената на енергенсите. На пазарите во Азија, барел нафта утринава се продаваше за 115 долари, многу повисока цена од 72 долари за барел, која важеше пред САД и Израел да ги започнат нападите на 28-ми февруари.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нов археолошки локалитет кај тетовско Стенче – најдени монети и керамика од 4 век

Igor Trajkov

Брисел алармира за притисоци врз судството – власта со нови критики, опозицијата обвинува за заробени институции

Дејан Дејан

За 24 часа – 260 нови пациенти побарале помош во гостиварската болница

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе