Двајца повредени со скршени раце и две приказни за инцидентот пред дискотека во скопскиот градски парк. Независниот полициски синдикат тврди дека преку функционер-поранешен вицепремиер има обид за влијание врз истрагата за напад врз двајца полицајци. Адвокат на еден од приведените за нападот со контраобвинување- повеќе полицајци без причина го претепале неговиот клиент. Обвинителството трет ден го истражува случајот.
Додека независниот полициски синдикат тврди дека советници на поранешен вицепремиер ургирале во истрага за напад врз полицајци при интервенција пред дискотека во скопскиот Градски парк, адвокат на еден од посочените за нападот тврди спротивно- дека неговиот клиент бил претепан од седум до осум полицајци.
Претседателот на синдикатот Мартин Ефремов тврди дека советник на функционерот бил во полициска станица и наредното утро истрагата го сменила правецот.
- Според наши сознанија кои ни ги пренесоа колегите, се работи за поранешен вицепремиер во актуелната влада кој дури испратил негови советници во полициска станица за директно да влијаат на постапката, што за нас не смее да биде никаков случај и затоа бараме заштита од министерот за внатрешни работи како раководител на МВР и осуда на ваквите влијанија и ќе се обратиме и до Обвинителството ќе побараме да бидат на висина на задачата и да не потпаѓаат на влијанија, рече Мартин Ефремов, претседател на Независен синдикат на полиција.
Телма контактираше со посочениот функционер, а тој во кратка СМС порака ни изјава дека првпат од нас слуша за случајот.
По прилогот на Телма, реагираше Асмир Алиспахиќ, адвокатот на еден од посочените дека учествувале во нападот врз полицајци кој тврди дека жртва е всушност неговиот клиент и роднина затоа што без причина бил претепан од повеќе полицајци, поради што случајот е пријавен во внатрешна контрола на МВР.
Од МВР соопштија дека случајот се истражува, вклучена е внатрешната контрола, а двајцата полицајци имале повреди. Еден полицаец има дислоцирано рамо, изјави Ефремов од Синдикатот. Од друга страна, Алиспахиќ пак ни покажа и фотографии и лекарски извештај за скршена рака, контузии и хематоми на градниот кош на клиентот кој имал блиска средба со полицијата. Обвинителството го истражува случајот, а инцидентот се случил ноќта петок кон сабота кога полицајци биле повикани на интервенција пред дискотека во Градскиот парк, по што пријавиле напад врз нив, а уапсени се двајца, жител на ресенско и турски државјанин кои преку адвокатот Алиспахиќ имаат контраобвинувања против полицијата.
Миомир Серафиновиќ
Б.С.
