Селекторот на женската ракометна репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски го објави скратениот список на играчи за претстојните последни два натпревари од квалификациите за Европското првенство што ќе се одржи годинава. Нашите девојки ја пречекуваат Германија на 8 април, а четири дена подоцна гостуваме кај Словенија.
Во изборот на Грчевски се најдоа 20 ракометарки, кои повеќето доаѓаат од домашното ракометно првенство и девет интернационалки. Првиот собир на репрезентацијата ќе се одржи на 6 април во Скопје.
По четири одиграни натпревари, Македонија има ефект од една победа и три порази, доволно за третото место во групата 3. Очекувано, загубивме од Германија и Словенија, но и неочекувано на гостувањето кај Белгија со 26-25, која ја оствари првата историска победа во главните квалификации. Се реванширавме во Куманово со 33-28, што засега е нашиот единствен триумф.
На 8 април во салата „Борис Трајковски“ во Скопје ќе го пречекаме лидерот во групата Германија, која има максимални четири победи, додека четири дена подоцна во последното коло од квалификациите гостуваме во Велење кај Словенија.
На Европското првенство ќе се пласираат првите две репрезентации од шесте квалификациски групи, како и четирите најдобротретопласирани селекции. Македонија барем засега се наоѓа во оваа група на репрезентации и тоа поради подобра гол-разлика. Сепак, во дуелите со фаворитите, нашите девојки ќе мора да се борат за што подобра гол-разлика за да ги задржат шансите за пласман на Континенталниот турнир што ќе се одржи во Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција од 3 до 20 декември оваа година.
Фото: Ракометна федерација на Македонија
Список на повикани ракометарки:

