Граѓаните на оваа држава не можат да бидат оставени на милост и немилост на случувањата што се одвиваат илјадници километри од нашата земја. Обврска на владата е да ги предвиди ризиците и да го заштити животниот стандард на граѓаните и стабилноста на економијата, велат од Демократска унија за интеграција и предлагаат:
1. Упатуваме повик до Регулаторната комисија за енергетика уште од денес да преземе мерки и да ја преиспита вчерашната одлука.
2. Имајќи ги предвид изјавите на надлежните институции дека државата располага со резерви на нафта за околу 62 дена, овие резерви треба веднаш да се пуштат во промет со максимална цена од 71 денар по литар. Треба да се нагласи дека овие количини се набавени по уште пониски цени.
3. Владата треба веднаш да ја разгледа можноста за намалување на фискалните давачки за нафтените деривати, вклучително и акцизите и другите давачки, со цел стабилизирање на цените и заштита на стандардот на граѓаните.
4. Истовремено, инспекциските служби треба веднаш да утврдат колкави количини нафта имале бензинските пумпи пред понеделник во 00:00 часот и за тие количини да се воведе замрзнување на цените, бидејќи се увезени по пониски цени.
5. За операторите кои за време на викендот и во понеделник не точеле гориво на граѓаните, треба да следуваат соодветни мерки и санкции согласно законот.
