Од први август ново поскапување на парното. Најголем дел од потрошувачите ќе добијат повисоки сметки за скоро 6 отсто. Железаркото пак поскапива за нешто над 5 отсто, а оние кои се приклучени на мрежата на поранешно Скопје Север ќе добијат зголемување на цената од 3, 6 проценти. Пресметката на регулаторите покажува дека за стан од околу 60 квадрати, фактурата ќе биде повисока за 140 денари. Во носењето на одлуката за цената клучен фактор е цената на гасот.
- На сите компании им е наложено навреме да се снабдат и тие имаат веќе склучени договори за оваа година за снабдување со гас. Оваа цена сепак е донесена врз прогнозирани цени на гасот до Нова година во која што знаете дека никогаш не можеме да бидеме 100 проценти сигурни. Затоа доколку има драстични промени на пазарот, околу нова година ќе го задржиме правото заедно со компании да ги преразгледаме уште една цените, изјави претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Ацо Ристов.
Според, документите прикачени и на страницата на РКЕ во прифатените трошоци пријавени од компаниите влегуваат и оние за бруто плати. Кај некои компании се забележува дека ваквиот трошок е поголем. Првиот регулатор уверува дека тоа е заради инфлацијата. Иако, побарале да им бидат признаени трошоци за 10 менаџерски плати прифатена е само една.
Признаени се и трошоци за менаџерски награди. Од РКЕ уверуваат дека со одлуката не се опфатени барања за нови вработувања и дека дури им укажале на компаниите дека имаат превработеност, а и да ги намалат загубите.
Од Регулаторна велат и дека добро е што претходната грејна сезона немало нови откажувања, имало и околу 200 ново приклучени. Претходно греењето поскапи за 5 отсто со образложение дека треба да се прават инвестиции во мрежата, затоа што минатата зима беше одбележана со доста дефекти и протекување.
Па, останува да се види дали оваа сезона ваквото покачување се искористило за инвестиции и дали ќе има помалку проблеми. На трите компании за парно на ЕСМ за производство, дистрибуција и снабдување, работата не им оди најдобро. Сите се на листата на должници на Министерството за финансии. Беа формирани за време на претходната криза, кога греењето од БЕГ отиде во рацете на државата.
Ирена Чачкова
