Алмир Даути од денеска е назначен за нов ве де директор на Јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар. Оваа информација ја потврдуваат од Општина Гостивар, а Даути во комуникација со Телма побара време за да одговори на дел од отворените прашања во врска со реализација на проектот „Водоснабдување на Гостивар II – SECO II“.
„За сега имате соопштение од Јавното претпријатие, мене ми е прв ден денеска како ВД, имаме многу обврски па ако може да комуницираме за неколку денови“, напиша во порака Даути.

Инаку Даути на директорското место доаѓа откако беше суспендирана директорката Артана Асани, откако беше осомничена и притворена дека заедно со Леон Уредини и Вадедин Дервиши, кои беа на раководни позиции во јавното претпријатие „Комуналец“ дале наредба да се пуштат три пумпи за да се зголеми притисокот во водоводниот систем. При тоа навлегла и загадена вода во системот, по што се појави епидемијата во Гостивар од која се заразени повеќе од 4 илјади луѓе.
Даути инаку од 2020 година е и секретар во ФК Гостивар, откако Општина Гостивар го презеде раководењето со клубот.
Б.Н
