Претседателот на Стоматолошкото друштво на Албанците, Сабетим Ќеркези е осомничен дека примил награда за да помогне во полагање на стручен испит за стоматолог. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) дошло до докази против Ќеркези преку екстрахираните податоци од одземените мобилни телефони во истрагата за ботоксите.
„Според досега прибраните докази, во декември 2025 година, осомничена опфатена во истражната постапка поврзана со нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала, му дала парична награда на првоосомничениот, доктор по стоматологија и претседател на Стоматолошкото друштво на Албанците, за тој, користејќи го своето реално и претпоставено влијание, службена и општествена положба и углед, да интервенира со цел за да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши“, се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Ќеркези, според обвинителството, интервенирал кај претседателот на Испитната комисија за полагање стручен испит за здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата.
„По положувањето на испитот, првоосомничениот ѝ ги доставил податоците од својата трансакциска сметка, а осомничената извршила уплата на паричен износ како награда за посредувањето. Согласно досега обезбедените докази, првоосомничениот дел од ветената награда му ја предал на второосомничениот“, додаваат од ОЈО ГОКК.
Колкава е висината на наградата треба да покаже истрагата. Претседателот на Испитната комисија се гони за примање на поткуп. Во текот на месецов беше проширена и истрагата за ботоксите и беа извршени претреси во две болници и приведени три лица, меѓу кои и двајца доктори.
Марија Митевска
