Во телефонско интервју за CBS News, американскиот претседател, Доналд Трамп, најави дека војната против Иран би можела да заврши побргу отколку што неговата администрација претходно најавуваше.
„Мислам дека војната е речиси готова, речиси. Тие останаа без морнарица, немаат комуникации, немаат воздушни сили. Им останаа малку проектили. Нивните дронови целосно беа уништени, вклучувајќи ги капацитетите за производство дронови. Ако погледнете, ништо не им остана. Ништо немаат во воена смисла“ – изјави Трамп.
Во однос на тоа што првично го најавуваше лично тој, но и другите претставници на неговата администрација, дека САД се подготвени за подолготрајна воена операција против Иран, Трамп сега оценува дека американската армија е многу понапред од предвидената временска рамка за постигнување на своите цели.
Истовремено, шефот на американската држава смета дека иранците истрелале сѐ што имале од ракетите и подобро за нив било ништо друго да не се обидат да направат.
Сето ова наликува дека американскиот претседател се подготвува да прогласи победа во војната против Иран.
Што значи победа во војната во која целите не беа никогаш јасни и често беа контрадикторни не е сосема јасно.
Дополнително, доколку целта беше да се елиминира нуклеарната програма на Иран или да се донесе на власт попријателски режим кон САД, успехот за остварување на таа цел е уште помалку сигурен.
Не е тешко да се претпостави дека на ставот на Трамп секако влијаеше и порастот на цената на нафтата , како и падот на вредноста на акциите на берзите.
