Македонските државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја на Блискиот Исток ќе се вратат дома до крајот на неделата. Министерот за надворешни работи, Муцунски, информира дека се интензивира процесот на евакуација.
Вчера се реализираше лет со над сто патници од Обединетите Арапски Емирати. Во текот на неделата се предвидени уште два лета. Во Доха, Кувајт, Бахреин и Саудиска Арабија се пријавени дополнителни македонски државјани, за кои ќе биде обезбеден организиран транспорт до аеродромите и директен лет кон земјата.
„Во моментов во оваа земја се евидентирани уште околу 430 македонски државјани, а во текот на оваа недела од Дубаи се планирани уште два лета. Во Доха се евидентирани 162 лица, од кои 89 изразиле подготвеност за евакуација. Во Кувајт се пријавени 36 лица, во Бахреин 15 лица, а во Кралството Саудиска Арабија има 5 лица. За нив е предвиден организиран транспорт до Ријад како централна точка за собирање, по што во текот на оваа недела ќе следува директен лет“, изјави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Надлежните ги повикуваат граѓаните да останат во континуирана комуникација со нив и да ги информираат за какви било промени. За вчерашниот лет имало македонски државјани пријавени за евакуација, кои не се појавиле на аеродром.
„Наша цел е сите авиони да бидат максимално исполнети во својот капацитет. Вчера на аеродромот во Дубаи, четиринаесет лица коишто барале евакуација до последен момент, одлучиле да не се појават. Среќа имавме подготвено план за таква ситуација и имавме т.н. „листа на чекање“, нашата амбасада во Абу Дабу веднаш контактираше со група граѓани коишто беа подготвени да дојдат“, додаде Муцунски.
Евакуацијата од Блискиот Исток е целосно бесплатна за пријавените. Надлежните информираат дека приоритет ќе имаат жените, децата и туристите. Според Владата, предност ќе се даде според степенот на ранливост и итност, а не само според редоследот на пријавување.
Петар Догов
