Балкан Вести Код Македонија

КОД: Печат на скопската фирма најден во складот со 5-те тони канабис во Србија, најден тефтер со пратки во која ја има и Македонија, истрагата откри сомнителен камион- детали од истрагата

Истрага која се одвива зад затворените врати на обвинителството. Многу нови детали,но целосниот мозаик се уште не е склопен- како 5 тона марихуана е откриена во Србија, а тамошните истражни органи кажаа дека е донесена од Македонија.

Според сознанијата на КОД, при претресите во селото Коњух кај Крушевац најдени се и две работи кои веднаш вниманието на Србија го свртеле кон јужниот сосед, кон Македонија. Истрагата траела подолго време, се следеле активностите на истата група, која сега е осомничена. Но, тоа не го правеле само српските истражни органи туку, како што дознава КОД и македонските, па имало и размена на сознанија и информации. Во истрагата според сознанија на КОД бил вклучен и ЕВРОПОЛ а по огромната количина пронајдена марихуана интерес покажала и ДЕА и покрај тоа што таа се занимава со следење на кокаин и други посилни видови дрога .

Нашите извори велат дека српското обвинителство познато по кратенката ТОК имало сознанија за вакви зделки и затоа ги ставило под посебни истражни мерки како следење и прислушување и дел од лицата кои биле под сомнение дека внесуваат нелегално таканаречен медицински канабис односно марихуана. Се следеле и движењата на истите осомничени според базните станици а сега тоа ќе биде предмет и на споредба за движењата во Македонија и излезот на камионите од Македонија.

Сепак на крајот на јануари, поради големите потреси во полицијата и обвинителството кои ги прави тамошната власт- одеднаш српското обвинителство за организиран криминал-ТОК прави ноќна акција и упад во имот во селото Коњух. Без известување до партнерите со кои дотогаш соработувале. Неколку соговорници на КОД сметаат дека акцијата во Србија била избрзана поради политичките прилики во нашиот северен сосед.

По крајот на акцијата иако српските обвинители очекувале дека ќе најдат марихуана, не очекувале огромна количина од 5 тона. И самите биле изненадени.

Македонската врска

Но при претресите се најдени и две работи кои ја поврзале марихуаната со Македонија. Најден е печат, оригинален печат на скопската фирма Алфафарм груп, чие седиште и насади со канабис се во кругот на поранешен ОХИС. Проверките покажале дека еден од уапсените Иван Драгниќ е сопственик на Алфафарм груп. Втората многу битна работа е што е најден тефтер со испораки на марихуана, каде рачно биле напишани и заведени количини на определени пратки, но и дестинацијата од каде доаѓа дрогата- а била наведена и Македонија.

Најголемата мистерија не е решена- како и дали марихуаната навистина стигнала од Македонија преку граничен премин. Табановце е најголемиот кон Србија, има оне стоп шоп систем и преку преминот дневно во просек минуваат по најмалку 500-тини камиони. Или за периодот наведен од српското обвинителство од 29 дена, тој премин би го поминале околу 15 илјади камиони. Бидејќи нема други податоци се врши интензивна проверка на документите и декларациите. Од царината само кратко ни одговорија дека во тек е истрага и не може да споделуваат сознанија од неа со јавноста туку за тоа го известуваат обвинителството и полицијата.

Станува збор за спора процедура бидејќи се проверуваат декларации за стотици и стотици камиони, а единствениот показател е тежината на товарот. Марихуаната е лесна и малку собира во камион, па според пресметките на КОД објавени минатата емисија, 5 тони би морале да се пренесат со најмалку три најголеми приколки или пак ако превозот бил со помали камиони требало да има 5, 6 или 7 транспорти за да се стигне до вкупен збир од 5 тони.

При извоз или транзит, царината ги дели камионите во три ленти, зелена во која се опфатени т речиси 96% од камионите при излез кога им се проверуваат само декларациите и документите за стоката која излегува од Македонија. Во портокалава лента се редат околу 6 проценти од камионите кога се врши и внатрешна проверка на спакуваниот товар во камион.

Во црвeната лента односно на посебен канал одат околу 0,17% од камионите на македонските гранични премини при извоз на стока. Или од околу 15 илјади на Табановце во спорниот период спомнат од српското обвинителството, на црвено и детално, се проверени меѓу 25 и 30 камиони. При увозот на стоки во Македонија, процентот на детални проверки е многу поголем затоа што стоката останува во државата.

Цветот на марихуана се води под тарифна ознака за сите цветови и семиња односно под царинска тарифа 1211 90 8610. Такви извози кон Србија нема бидејќи таму не е легализирано одгледување на медицински канабис и секоја, па и транизтна пратка може да биде запленета.

Првични сознанија барем за еден сомнителен транспорт има, дознава КОД и тој бил во првата половина на јануари. Носел лесен товар, и тргнал од внатрешноста на државата со лесна текстилно-памучно опрема за домаќинство и со крајна дестинација- држава во западна Европа. Дополнително српската полиција има сознанија дека истиот камион е поврзан со пријава за уништена и запалена камионска приколка во Србија. Сознанијата се проверуваат.

Во Србија, обвинителството веќе истражува и проверува базни станици и снимки од патарини за да се утврдат повеќе детали за транспортот. Имало и проблем со бројот на регистрацијата, што исто така е опфатено со истрагата.

Македонска посета 

Тим од македонската истрага, обвинител и припадници на Бирото за јавна безбедност на почетокот на неделата биле во посета на српските колеги за да дознаат повеќе и да разменат информации. Договорено е и многу бргу да се воспостави заеднички тим и да се потпише документ за да може двете истраги да разменуваат официјално сознанија и докази меѓу себе.

Македонското обвинителство според сознанијата на КОД, досега има земено изјави од повеќе луѓе кои биле поврзани пред се со фирмата Алфафарм груп, но и со други лица кои на некој начин биле поврзани со случајот. Во Алфафарм например имало проблем со камерите, на многу места каде требало, немало воопшто, па се проверува и колку снимки има за да се утврдат детали од функционирањето на оваа скопска фирма со српски сопственици, од кои еден е во притвор во Србија.

До јавноста излегуваат само малку снимки, а ова се од тајната локација во објект на МВР каде се чуваат заплената од околу 40 тона марихуана, од која 9 се од скопската АЛфафарм груп.

Снимките од двете заплени, српската во Крушевац и македонската- покажуваат дека кутиите во кои бил спакуван цветот со марихуана се исти, а дури, според сознанијата на КОД  имале и иста тежина на спакуваниот канабис. Но, таа врска не е доволна и не е доказ, па сега преку вештачење и анализа ќе се утврдува составот на марихуаната и дали таа е надворешно одгледана доколку е прскана или е во лабораториски услови кога има други соединенија во составот бидејќи се заштитува на друг начин во легална фабрика.

Познавачи на тематиката за КОД објаснуваат дека треба да се утврди дали во марихуаната има примероци од син камен со што потеклото дека е од нива и најверојатно од Албанија може да се поврзат и да се исклучи Македонија како земја на потекло на запленетиот канабис. На нелегалните плантажи во Албанија, прскањето со син камен е честа пракса за да се заштити родот на марихуаната. Клучно за анализата и докажувањето дека македонската и српската марихуана се исти ќе биде и составот односно процентот на ТХЦ во запленетите канабис пакувања.

Во Македонија пак во Алфафарм груп се утврдени сериозни неправилности, во чувањето, во обележувањето, во обезбедувањето, во видео надзорот. Сомнежите се дека на тој начин, легалната медицинска станувала нелегална марихуана за шверц која е 4 до 5 пати поскапа од легално продадениот канабис за фармациски масла и канабис терапии. Грам марихуана по улична, македонска цена е 500 денари, а грам цвет за легална медицинска продажба се продава по евро и пол, а во најдобри случаи до 2 евра за грам. Истрагата во Македонија сега оди по тешкиот пат- како сомнежите да ги претвори во докази за најтешки кривични дела или заплената ќе остане само прекршок на строгите правила за одгледување на медицинска марихуана.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот беше дел од изданието на КОД емитувано на 15.02.2026. на ТВ Телма.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притвор од 30 дена за екс директорот на Царина, Стефан Богоев и другите тројца осмничени за местење тендер

Дејан Дејан

Протест на граѓани поради опасното возење и сообраќајните несреќи на улицата „Бутелска“ – бараат надлежните бргу да реагираат

Igor Trajkov

(живо)Ова е рана фаза на истрагата, ќе се обезбедуваат и дополнителни докази, вели обвинителката за случајот со Богоев – Се чека одлуката на Кривичениот суд за барањето за притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе