Додека сите очекуваат поместување од мртва точка во трилатералните преговори во Абу Даби меѓу украинската и руската делегација со посредство на САД, Русија изврши нов масивен напад врз енергетската инфраструктура.
Над 1,2 милиони домови во земјата останаа без напојување со електрична енергија, а илјадници згради во Киев без греење во екот на студената зима, кога температурите се спуштаат и до -17 степени Целзиусови.

Експлозиите ја разоруваа ноќта на главниот град, а граѓаните се борат да преживеат во мрак, користејќи свеќи и преносни батерии.
– Оптимизмот ни е се. И јас и мајка ми се поддржуваме една со друга, и мојот сопруг. Додека тој е на работа, мајка ми и јас се справуваме со сето ова заедно. Се чини дека од една страна сме отсечени од овој свет, а благодарение на фактот дека имаме интернет и комуницираме со луѓето и се поддржуваме една со друга, и генерално го поминуваме животот со оптимизам, колку и да е тежок, во секоја ситуација, раскажува Олена Јанчук, жителка на Киев.
Градските власти во Киев апелираат до граѓаните кои можат да се евакуираат за да го избегнат најтешкиот студ, додека оние што остануваат продолжуваат да се борат со последиците од постојаните удари врз енергетската инфраструктура.
– Општо земено, е ладно, но се справуваме. Штом се појави струја, а струјата се појавува еднаш на секои 16-17 часа – нема светлина 16-17 часа – но има време кога ќе се вклучи светлото, почнувам да ја вклучувам машината за перење, полнам шишиња со вода, готвам храна, полнам преносни батерии, трчам низ кујната, трчам низ куќата, вели Људмила Бачурина, жителка на Киев.
Градоначалникот Виталии Кличко предупреди: „Ситуацијата во Киев е екстремно тешка и ова можеби уште не е најтешкиот момент. Нападите врз критичната инфраструктура ќе продолжат.“
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибихa, го осуди нападот нарекувајќи го цинизам на Путин. Неговите ракети не ги погодија само нашите луѓе, туку и преговарачкиот процес, украинскиот шеф на дипломатијата..
Во градови како Харков, кои се поблиску до источниот фронт, 25 дронови погодиле населени области, меѓу кои и медико-социјални установи и студентски домови. Секојдневието е прилагодено според часовите кога има електрична енергија.
Луѓето планираат кога можат да користат струја која им е достапна само неколку часа дневно. Се снаоѓаат со апликации што известуваат за прекини и споделуваат ресурси со соседите.
– Не мислевме дека ќе мора да се преселиме. Се надевавме дека сè ќе биде во ред, дека сè ќе биде во ред. Ги земаме нашите работи, облеката и обувките, но нема што друго да земеме, раскажува Тетијана Фоменко, жител на Комишуваха.
Животот во услови на војна и енергетска криза го обележува секојдневието на милиони Украинци. Сепак надежта за мир останува, а преговорите во Абу Даби се гледаат како можен излез и крај на четиригодишната крвава руска инвазија.
Александар Петрески
