Околу 140 лица досега се пријавени за учество во традиционалното спуштање на крстот во Вардар во центарот на Скопје на 19 јануари на Богојавление – Водици, информира отец Благоја од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје.
Пријавувањето за учество на манифестацијата „Водици 2026“ беше од 3 јануари до денеска зад соборниот храм „Свети Климент Охридски“, во Митрополијата. До денеска се издаваат и лекарските потврди од Институтот за спортска медицина.
„Оние што се во ред со здравјето, може да учествуваат на манифестацијата „Водици“. Има голем интерес и досега се пријавени околу 140 граѓани. Вечер до 19/20 часот ќе се земе списокот и ќе се види точниот број. Малолетници можат да учествуваат со дозвола од родител и со потврда од спортска медицина и ќе треба да присуствуваат со родител. Потребни се лична карта и потврда од спортска медицина, заверка на картоните на самиот ден – 19 јануари. В понеделник во 7:30 часот секој што е запишан и има добиено картонче за учесник да дојде зад храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде ќе се стави печат на картоните и само така ќе бидат пропуштени од МВР покрај реката Вардар за да учествуваат во манифестацијата“, рече отец Благоја.
Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе богослужи поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан. Фрлањето на крстот во водите на Вардар е планирано околу 12 часот.
Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.
