Дирекцијата за заштита и спасување соопшти дека успешно отстраниле неексплодирана артилериска граната од 155 милиметри, тешка околу 45 килограми, што потекнува од Првата светска војна.

Гранатата е пронајдена во коритото на Вардар, во атарот на селото Пепелиште, Општина Неготино.
–Поради непристапниот терен и локација на неексплодираното убојно средство во коритото на реката Вардар, интервенцијата беше реализирана во сложени услови. Со логистичка поддршка од Територијалната противпожарна единица – ТППЕ Неготино, којашто обезбеди чамец за пристап до локацијата, а пиротехничарот на ДЗС безбедно ја извлече гранатата, по што таа беше транспортирана и обезбедена до нејзиното конечно уништување на Армискиот полигон ‘Криволак’, велат од ДЗС.
