Вести Култура

Скопска премиера на документарецот „Приказната за Силјан“, а потоа проекции во Cineplexx и низ Македонија

По месеци исчекување, документарниот филм „Приказната за Силјан“, кој ги освои срцата на нашата публика со блескавите критики oд странство и со широката поддршка дома за да успее во номинациите за Оскар, конечно доживува скопска премиера. На неа доаѓа целата екипа што застана зад филмот, започнувајќи од режисерката и продуцентка, Тамара Котевска и кинематограферот и продуцент, Жан Дакар.

Од светската премиера на фестивалот во Венеција, каде освои „Награда на музита“ за најинспиративен филм вон конкуренција, до денеска, ова остварување доби шест награди и 13 номинации, меѓу кои се и оние од „ Cinema eye Honors“, чии резултати ќе бидат објавени на 8 јануари и од Здружението на американски продуценти, по премиерата во Њујорк кон крајот на ноември.

Но, „Силјан“ не успеа да влезе во потесниот избор од 15 филмови во трката за номинација за Оскар, иако беше кандидат во две категории – Најдобар странски филм и најдобар документарец. Во ексклузивното интервју за Телма, Котевска вели дека трката за Оскарите не е фудбалски натпревар.

„Да не биде тоа на ниво на фудбалски натпревар. Да се сфаќа како победивме – изгубивме 1:0. Затоа што не е фудбалски натпревар. Тоа е култура“, рече Тамара Котевска, режисерка и продуцентка на филмот.

Филмот раскажува за земјоделецот Никола кој не може да ја продаде земјата и плодовите од неа, поради нови владини политики. Семејството го напушта и заминува во странство, а тој работи како чувар на депонија, каде што наоѓа повреден штрк, кого го нарекува Силјан. Никола го спасува штркот, по што меѓу нив се создава нераскинлива врска.

Начинот на кој беше раскажана приказната го поттикна светски познатиот дистрибутер National Geographic Documentary Film во септември да го откупи филмот за прикажување. Тоа, според режисерката, е најголемо постигнување за еден филмаџија.

„Имавме еден состанок. Ни кажаа дека годинава немаат силен кандидат и дека кога го виделе овој филм, се заљубиле во него и дека сакаат да го превземат ризикот, иако вообичаено прават едногодишни кампањи“, кажа Котевска.

По Скопската премиера, документарецот „Приказната за Силјан“ од средината на јануари ќе се прикажува во Cineplexx, а потоа ќе има проекции во 18 градови низ Македонија.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

31 година од геноцидот во Сребреница: „Тишината зборува најгласно“

Tea Dimkovska

Левица: Инвеститорите профитираат благодарение на ДПМНЕ – Македонците ја губат можноста за сопствен дом

Tea Dimkovska

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ, Левица и ДУИ го блокираат Изборниот законик поради страв од изборен пораз

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе