Промени во начинот на греење и поголеми инвестиции за енергетска ефикасност и зелена енергија ќе се поддржува кај струмичките домаќинства.
Во период кога градот се соочува со големо загадување на амбиенталниот воздух, општината со УНДП и Фондот за зелено финансирање промовираат грантови за промена на греењето кај домаќинствата.
До 30 проценти поврат на средства ќе може да добијат семејства кои исполнуваат услови за аплицирање во оваа програма.
Граѓаните имаа информативна средба за запознавање во делот на субвенционирање на обновливи извори на енергија, топлински пумпи, клима инвертори, термо фасади и слично за повраток на грант од 30% од вредноста на инвестицијата. Се разбира тоа ќе оди преку финансиски институции, кои ќе бидат партнери во овој проект, вели градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.
Граѓаните велат дека понудата звучи добро, но колкави ќе бидат каматите од банките ќе биде пресудно дали поголем број граѓани ќе поднесат барање за ваков грант.
Ова е добра понуда, но да видиме какви ќе се каматите, какви ќе се ратите. По тоа граѓаните ќе одлучат дали им е исплатливо или не им е, вели граѓанин кој присуствуваше на информативниот состанок со општината и УНДП.
Програмата е наменета за недоволно опслужени физички лица и домаќинства, вклучително: млади лица на возраст од 18 до 35 години, жени како единствен или главен носител на приход, домаќинства со еден приход, домаќинства со три или повеќе деца, ромски домаќинства, самохрани родители, домаќинства со лица со попреченост, повратници од странство, со цел подобрување на пристапот до финансии и забрзување на транзицијата кон обновливи извори на енергија.
Сузана Мицева
