Секојдневно се зголемува бројот на амбулантски прегледи на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“. Во текот на 24 часа има 120 до 150 прегледи. Според педијатрите пикот на грип се очекува крајот на декември и почетокот на јануари. Редовната имунизација и здравите животни навики се исклучително важни во однос на превенцијата, вели доктор Доксимовски.
„Зголемен е и бројот на хоспитализации на децата. Повеќето се со вирози, долнореспираторни инфекти, потешки долнореспираторни инфекти кој што побаруваат и долно респираторна поддршка. Последниов месец, поточно од 1 декември до сега имаме пријавено четири случаи на инфлуенца А кај децата. Тоа се две докажани амбулантски пациенти, со брзи тестови, кои ги тестираме кај нас, во нашата микробиолошка лабораторија, и две кои се хоспитализирани, докажани и со брзи тестови и со PCR метода“, изјави д-р Филип Доксимовски, Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“.
-Во однос на хоспитализациите дали се исполнети капацитетите и колку дечиња се на кислородна поддршка ?
„Се уште не се комплетно исполнети капацитетите и се уште имаме слободни места за хоспитализации и во моментов имаме 8 или 9 деца кои се на кислородна поддршка“, додава Доксимовски.
Во меѓувреме расте и бројот на прегледи кај возрасната популација со грипозна симптоматологија, со висока температура до 40 степени, гребење во грлото и глаболка, со општа слабост и омалаксаност. Тие што ги имаат симптомите да бидат внимателни, да избегнуваат контакти со деца и со постара популација, затоа што тие во овој период се и најранливите. Но според Ѓорѓиевски во последниве години се забележува дека и средната популација станува се поподложна на долнореспираторни инфекции.
„Грипот повеќе се очекува сега од Нова година и пред Нова година, во текот на празниците со некој пик до февруари март месец кога драстично ќе се зголеми бројот на пациенти заболени со грип. А оваа година е голем и бројот на вакцинирани лица ако не се лажам 80.000 се вакцинирани со вакцина за грип“, вели д-р Драган Ѓорѓиевски, претседател на ЗЛОМ -СМ.
Граѓаните да ги следат препораките на лекарите и тоа особено во овој период на годината кога дополнителен проблем станува и енермното загадување кое и те како влијае на оштетување на респираторниот епител, што го прави поподложен на висруси и бактерии.
Нина Стефанова
Дигитална обработка: Т.Д.
