Поради несобраното ѓубре во Скопје, обвинителството му изготви обвинение на екс директорот на Комунална Хигиена Сабахадин Рустеми и на раководителот за управување на отпад во претпријатието Аки Саити.
Обвинителството тврди дека Рустеми постапил спротивно на законот и на статутот на претпријатието и не се грижел за контрола на акативнсотите за собирање на сметот низ главниот град, а заедно со Саити не ги спроведувале плановите со што прекршиле два закони, за животна средина и за управување со отпад.
Обвинети се за загрозување на животната средина и природата со отпад за што е предвидена затворска казна од 3 месеци до 3 години.
„Како директор на јавно претпријатие кое е давател на комунална услуга бил должен, но сепак давањето на комуналните услуги не го вршел постојано и квалитетно и не се грижел да ги одржува во функционална и исправна состојба објектите, опремата и уредите“, соопштуваат од Јавното обвинителство.
Рустеми и Саити беа приведени на крајот на октомври меѓу двата изборни кругови и оттогаш се во притвор, а обвинителството објави дека веќе нема потреба од најстрога мерка туку може да им се одземат пасошите, да им се забрани напуштање на живеалиште и редовно да се јавуваат во суд.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски вели дека има и други истраги за злоупотреби во Хигиена, а се сомнева и во политичка заднина на тоа што не се собираше ѓубре во мандатот на обвинетите.
Но, повторно граѓаните од определени делови на Скопје, ама таткото на градот тврди дека е подобрена состојбата со собирање на сметот и со поправка на камиони и со помалку вработени- иако сега тврди дека состојбата не може да се реши преку ноќ.
„Дали имаме диви депонии како што имавме состојба околу сите микролокации околу контејнерите? Немаме во Скопје таква состојба, кејот е исчистен како никогаш досега, плоштадот и централното градско подрачје е исчистен. Дали тоа го правиме без околу 600-тина лица коишто беа на платни списоци и земаа плати и трошеа средства од граѓаните со години, а ги отстранивме од работа и не сме вработиле нови лица што е многу важно, со помалку луѓе го правиме сето ова и даваме се од себе“, вели Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.
Ѓорѓиевски заедно со свои колеги кандидати на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ во предизборието со камиони од други општини правеше кампања со чистење на контејнери без да ги вклучи тогашните градоначалници, но Антикорупциска оцени дека нема законска забрана за тој вид кампања и станува збор за етичко прашање за кандидатите.
Миомир Серафиновиќ
