Uncategorized Вести Македонија Најважни

Може ли Груби сам да одговара за колективна одлука на владата?

Поранешниот вицепремиер Артан Груби е осомничен за „Проневера во службата“ затоа што претседавал со владина седница во моментот кога Владата ја задолжила Државната лотарија да набави ВЛТ терминали за да почне самостојно да организира електронски игри на среќа.

Според соопштението на обвинителството, Груби знаел дека Лотарија нема право самостојно да приредува вакви игри и оти владата, како целосен сопственик на Државната лотарија, во својство на акционерско собрание, нема надлежност да одлучува за конкретната зделка.

Сепак, прашање е дали Груби може сам да одговара за колективна одлука на владата. Тој претседавал со седницата, но одлуката ја донела целата влада со гласање.

Владата ја разгледа Информацијата… ја усвои и го задолжи Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија да ги преземе потребните активности за започнување на самостојно приредување на електронските игри на среќа и спроведување на јавна набавка на видео лотариски терминали, согласно обезбедените средства со Финансискиот план за 2023 година на Друштвото, стои во Записникот од 158-та седница на Владата, одржана на 6 јуни 2023 година.

Но, на таа владина седница присуствувале сите министри, освен Славјанка Петровска, Оливер Спасовски и Љупчо Николовски. Присуствувале нивните заменици.

Во Обвинителството прашавме дали Груби може да одговара за колективна одлука на Владата.

Јавното обвинителство отвори истрага за осомничениот врз основа на обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека е сторено кривично дело, одговорија во Обвинителството.

Правни експерти со кои разговаравме се децидни дека претседавачот со седницата не може да биде повикан на одговорност за колективна одлука. Во таков случај треба да одговара целата влада, или барем тие што гласале за одлуката.

Но, тука доаѓа уште една спорна ситуација. Членовите на Владата не може кривично да одговараат за донесените одлуки, туку само политички, односно може да им се поднесе интерпелација. Со оглед на тоа што владата е сменета, веќе ни тоа не е опција.

Дополнително, одлуките што ги донела Владата се во сила од моментот на донесување. Ако некој смета дека одлуките се незаконски, може да поведе постапка пред Уставниот или пред Управниот суд.

За набавка на ВЛТ-апаратите од над 500 милиони денари или над 8 милиони евра, кои никогаш не биле ставени во употреба, првоосомничен е поранешниот директор на Државната лотарија Перпарим Бајрами. Тој до Владата предложил да набави коцкарски машини, иако знаел дека нема право да ги користи.

Дополнително, според законот, таква одлука требало да донесат надзорниот и управниот одбор во Лотарија, а не акционерското собрание, односно владата.

Финансиската полиција, според вчерашното соопштение, поднела кривична пријава само против Бајрами, но не и против Груби. Кривичната против Груби е поднесена од МВР.

Код во неколку наврати ја истражуваше темата со електронското и интернет коцкање. До пред автентичното толкување на Законот за игри на среќа од пред неколку месеци, според кое само една фирма има право да организира интернет и електронско коцкање, Министерството за финансии во различни периоди давало различни мислења кој и како смее да го организира ваквото коцкање.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО/ВИДЕО Кармина Бурана во Софија- Филхармонија заедно со бугарските и грчките колеги изведоа маестрално за стоечки овации

Дејан Дејан

Трамп бара половина од рудното богатство на Украина за да почнат заеднички бизнис-Telegraph објави детали од американската понуда

Дејан Дејан

Украина, но и нормализација на односите меѓу Москва и Вашингтон – Лавров и Ушаков пристигнаа во Ријад

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе