Првото име на списокот за амнестирање за празникот на Македонската национална борба е Акиф Равмановски. Нему, претседателката Гордана Силјановска Давкова со амнестија, му ја заменила 15-месечната затворска казна со условна казна: дека затворот нема да се ефектуира доколку Равмановски не направи ново кривично дело во наредните три години.
Равмановски инаку е затвореник кој сега ја отслужува затворската казна во Идризово. Но, веќе е слободен човек бидејќи одлуката за неговата амнестија е објавена во Службен Весник. Равмановски е познат како припадник на скопскиот клан Барон, а уште попознат и по друг уличен прекар- го викаат Акиф Јусуфи. Дополнително тој како осуденик беше осомничен за пукањето пред 8 дена во Чаир кога беше застрелан припадник на контра-групата од Грчец.
Иако затвореник, во времето на инцидентот, Равмановски бил работно ангажиран надвор од затворот Идризово, а откако се вратил зад решетки, полицијата му земала парафински ракавици во рамките на истрагата за нападот.
-Утврдени се сите учесници во кривично правниот настан и тоа: Л.А. (32) и И.Т. (30), кои се лишени од слобода и задржани во полициска станица за понатамошна постапка, како и А.Р. (29) и М.И. (32), осудени лица на издржување на казна затвор во КПУ Идризово, а кои во текот на 14.10.2024 година, во времето на извршувањето на кривичното дело, користеле излез од затворот Идризово, по основ на работен ангажман. Од лице место подигнати се траги од биолошко потекло, применети се апликатори за барутен тест од утврдените учесници во кривично правниот настан, обезбедени се видео записи од „Безбеден град”, а исто така утврдено е и возилото со кое едниот сторител доаѓа на лице место, по што истото е подигнато за криминалистичко техничка обработка, соопшти МВР ден по нападот.
И покрај најавите дека ќе бидат поднесени соодветни пријави, во меѓувреме за Акиф (викан Јусуф) Равмановски, по адреса од Арачиново, беше пополнета одлука за негова амнестија и замена на затворската казна со условна. Тој бил осуден на казна затвор за недозволено поседување на нелегално оружје, но и покрај тоае помилуван од претседателката Силјановска со амин на Комисијата за помилување.
Пред убиството на Туша било запалено кафулето “Барон” по кое името го носи една од скопските банди
Во февруари оваа година, непознати лица го запалија кафе барот „Барон“ во сопственост на Акиф Јусуф (официјално презиме Равмановски), а истиот ден кај Блаце беше убиен татко на уште еден припадник на оваа скопска група која е во отворена војна со кланот Грчец.
(ТВ ТЕЛМА)
Поранешниот битолски градоначалник Талевски по вторпат помилуван од претседател на државата