Пет затворски, и една условна казна добија шестемина обвинети за финансиски криминал во случајот Синџир, кои вчера признаа вина. Тие се осудени за злосторничко здружување и даночно затајување, а двајца од нив и за перење пари. Судот ги задолжи да го вратат даночниот долг, кој се мери во милиони евра. Сепак, наплатата ќе оди тешко со оглед на тоа што фирмите со кои ги правеле злоупотребите немаат пари на сметка, а и обвинетите немаат имот на нивно име.
Судијката му честиташе на обвинителството за прибраните докази.
„Во текот на вчерашниот ден слушнавме за многу милиони од обвинителката. Слушнавме многу воздишки од обвинетите и солзи од најстарите обвинети. Слушнавме искрено каење и ветување дека секој денар што ќе го заработат во иднина ќе биде вратен на државата, бидејќи знаат дека тој го должат. Пензионери, багеристи, бравари, мајстори за гипс картон… За сите нив заедничко е тоа што имаат празни сметки. Прашањето е дали се ова сите алки од синџирот, дали сè уште важи максимата на Балзак дека законите се пајажина која големите муви ја кинат, а малите се ловат, ќе видиме понатаму“, рече судијката Даниела Димовска при изрекувањето на пресудата.
Првообвинетиот Сашо Вучков доби 2,5 години затвор. Неговите татко и мајка, на чие име отворал фирми, добија 2 години, односно 1 година и 11 месеци затвор. Тие ќе останат бездомници, со оглед на тоа што ќе се конфискува нивната семејна куќа. Уште двајца обвинети добија по две години, а еден обвинет, кој веќе почнал да ги враќа парите што ги должи, доби условна казна.
Во обвинителството генерално се задоволни од текот на постапката, но ќе ги почекаат писмените пресуди па ќе одлучат дали ќе се жалат, но велат дека овој случај не е готов.
„По однос на она што го рече дали се ова сите алки од синџирот и по однос на алузијата на тоа дали крупните риби ја кинат мрежата, а ситните одговараат, сметам дека судот сметаше дека ова се однесува на дел од осомничените за кои сè уште не е покренато обвинение бидејќи истите се наоѓаат во бегство, но во однос на ова сепак ќе треба да ја прашате судијката. Јас не можам да зборувам во нејзино име. Можам само да ви кажам дека сè уште се постапува по овој предмет, и ќе ве замолам за разбирање и вас и други новинари коишто се обраќаат со прашања до обвинителство во тој дел, да бидете трпеливи. Само ќе ве замолам да бидете трпеливи. Толку можам во овој момент да разменам како информација со новинарите и со јавноста“, рече обвинителката Наташа Поп Трајкова.
Бизнисмените Стојан Чифлигароски од Битола, чија фирма СВ-Инвест во изминатите години добиваше милионски тендери од РЕК Битола, и Љупчо Пецов Ѓаволот од Неготино, кои се товарат дека биле организатори на групата се во бегство и за нив нема обвинение. По нив се распишани меѓународни потерници. Во бегство е уште еден осомничен.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција првично поднесе обвинение за 22 сопственици и директори на 19 фирми, кои со меѓусебно издавање на фактури за фиктивни стоки и услуги за помалку да платат или да не платат ДДВ, од почетокот на 2019 до крајот на 2021 година, го оштетиле буџетот за 8 милиони евра. Од тоа незаконски заработиле 40 милиони денари, односно 650 илјади евра кои ги пуштиле во оптек, односно ги испрале.
Во меѓувреме еден обвинет почина, а четворица се спогодија со обвинителството и признаа вина. Го платиле целиот данок што го должат и добија условни или ниски затворски казни. На тој начин во буџетот биле вратени скоро 1 милион евра.
Неизвесно е колку пари ќе може да бидат наплатени од овие шестмина.
Судењето за останатите 11 обвинети кои не признаа вина продолжува.
Срѓан Стојанчов