Вести Код Македонија Топ вести

Милионски тендерџии во бегство за организирање група за затајување данок

РЕК Битола, јаглен, ленти

Се појави одеднаш, светна на тендерското небо на РЕК Битола, искешира над 5 милиони евра од тендери, а потоа исчезна. Сопственикот на фирмата СВ-Инвест од Битола Стојан Чифлигароски е еден од осомничените за организирање на злосторничкото здружение за затајување данок и перење пари, кое го оштетило буџетот за 8 милиони евра во случајот „Синџир“.

Тој е во бегство и за него сè уште нема обвинение. МВР пред Нова година распишало меѓународна потерница по него.

Обвинителен акт е поднесен против двајцата поранешни директори на неговата фирма.

Фирмата СВ-Инвест се појавува како нов играч во делењето на тендерскиот колач во РЕК Битола во март 2018 година. Прво добива тендер од 345 илјади евра за чистење на лентите за јаглен во РЕК Битола, во постапка со преговарање без претходно објавен оглас, односно во таканаречен договор „во четири очи“. Во октомври истата година, повторно без оглас, односно со преговарање добива уште еден тендер од 345 илјади евра, повторно за чистење на лентите за јаглен.

Со тоа ѝ се отвораат вратите за учество и во „помрсните“ тендери за ископ и ангажирање помошна механизација во РЕК Битола. Па во наредните шест месеци добива уште три тендери од вкупно 2 милиони евра – два за помошна механизација, и еден за чистење на лентите за јаглен.

Во февруари 2019, управител на СВ-Инвест станува Александар Наумов, а во март 2020 година, на негово место доаѓа Јове Ѓоргиевски.

До крајот на 2020 година, СВ-Инвест добива тендери од РЕК Битола од околу 5,5 милиони евра.

Опозицијата тогаш обвини дека фирмата на Чифлигароски е параван за бизнисите на Вице Заев, брат на поранешниот премиер Зоран Заев. Опозицијата не докажа правна поврзаност меѓу фирмите на Чифлигароски и семејството Заеви.

СДСМ и ЕСМ реагираа дека обвинувањата се измислени, а Чифлигароски негираше дека е нечиј параван. Сепак, тој не го криеше пријателството со Вице Заев.

Фирма СВ-Инвест на Чифлигароски расте од двајца вработени во 2017, на 150 во 2018 година, кога почнува да ги добива тендерите од РЕК Битола, за во 2019 година да достигне до 280 вработени. Профитот на фирмата исто така значително се зголемува, па во 2019 година достигнува 155 милиони денари, или 2,5 милиони евра чист ќар, но во 2020 прави скоро исто толкава загуба.

Во 2021 година, ненадејно заминува во стечај, по што беше обелоденето дека фирмата, и покрај милионските профити, должи 25 милиони евра.

По отворањето на стечајот, во тендерите во РЕК се појавува битолската фирма Новоматрикс. За една година добива два тендери од скоро 3,5 милиони евра. Сопственик и директор на оваа фирма е токму поранешниот директор на СВ-Инвест Александар Наумов. Фирмата сега се вика Салус плус.

Синџирот се формира во ек на најголемите тендери

Во време на најголемите тендери од РЕК, според обвинителниот акт за случајот „Синџир“, Чифлигароски и неколкумина други обвинети создаваат група која имала за цел затајување данок и перење пари.

Групата од 22 обвинети се товари за затајување на 8 милиони евра данок и за перење на 650 илјади евра.

Обвинителниот акт е поднесен на 21 јануари годинава. На обвинителна клупа треба да седнат 22 луѓе. Тројца се во бегство и за нив сè уште нема обвинение, а двајца признале вина и биле спогодбено осудени.

Обвинителството за организиран криминал ги товари дека отворале или преземале веќе отворени фирми, преку кои меѓусебно си издавале фактури за фиктивни стоки или услуги за помалку да платат или да не платат ДДВ.

Со фактури за фиктивни обврски и со примена на институтот даночен гарант, едни фирми го преземале даночниот долг на други и им овозможувале да не го платат. Фактурите оделе од една фирма на друга, а на крај најчесто немало плаќање туку меѓусебните побарувања ги затворале со компензации или цесии. Во шемата биле вклучени 28 фирми, од кои дел се користеле само преку нив да поминуваат фактурите. Потоа, дел од обвинетите, нелегално стекнатите пари ги пуштиле во оптек, односно ги испрале. Дел од вмешаните фирми сега се затворени или во стечај.

Чифлигароски, во обвинителниот акт, е посочен како еден од организаторите, но за него нема обвинение, затоа што е во бегство.

„Согласно чл.302 ст.2 од ЗКП,​ задолжителна обврска на јавниот обвинител е најдоцна до завршување на истрагата да го испита осомничениот. Оттука, јавниот обвинител и во случаите кога ги собрал сите докази, не може да поднесе обвинение сè додека не го испита осомничениот, што претставува проблем кога осомничениот се наоѓа во бегство или кога е недостапен за органите за прогонот. Во таквите случаи јавниот обвинител ја прекинува истрагата додека не се создадат услови за испитување на осомничениот“, велат во Јавното обвинителство.

Поранешните директори во СВ-Инвест се во притвор од октомври минатата година. Наумов е обвинет за злосторничко здружување и даночно затајување, а Ѓоргиевски уште и за перење пари, поттикнат токму од Стојан Чифлигароски.

Го побаравме Чифлигароски уште во ноември, но тој не беше достапен на телефонот што го користеше и не одговори на е-маил пораката на Код за коментар за обвинувањата против него.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште во 2021 година обвини дека избегал во САД.

Со една фирма добил стотина тендери, со друга осомничен за даночно затајување

Познат на судството е уште еден осомничен за организација на злосторничкото здружение. Љупчо Пецов Ѓаволот од Неготино, исто така е во бегство.

Семејството Пецови ги полнеше страниците на весниците во 2014 година, кога беа осудени зашто преку нивната фирма „Алма комерц“ од Неготино точеле помало количество нафта отколку предвиденото со договорите за јавни набавки и со тоа го оштетиле Буџетот за речиси 3 милиони евра. Таткото Ангел и синот Љупчо беа осудени на по 9 години затвор, а мајката Мариче на 7 години. Заедно со нив беа осудени уште 13 луѓе, возачи на цистерни, но и вработени во институциите каде што требало да се испорачува нафтата – котлари, домари итн.

Судот донесе одлука и на семејството Пецови да му се конфискува имот во вредност од 3 милиони евра.

По излегувањето од затвор е осомничен за сличен случај.

Податоците од Бирото за јавни набавки покажуваат дека друга негова фирма, Тритерол петрол, од 2019 година добиле стотина тендери од државните институции во вредност од милиони евра.

Во случајот Синџир, пак, се товари дека неговата фирма Алма-комерц Ангел Пецов ДООЕЛ испоставувала фактури за фиктивни услуги и со тоа го намалил ДДВ-то што требало да го плати.

Во случајот „Синџир“ е вмешана уште една фирма со слично име – Алма Шпедиција ДООЕЛ. Љупчо Пецов бил сопственик на оваа фирма до крајот на 2018 година, по што има нов сопственик, кој сега е меѓу обвинетите. Извори во истрагата за КОД се сомневаат дека обвинетиот има појма што значи фактура и како изгледа, и оти служел само како параван.

И за Пецов нема обвинение, зашто е во бегство.

Тој поседува фирма и во Бугарија, Алма компани од Петрич, па сомнежите се дека се наоѓа кај источниот сосед.

МВР и по него распишало меѓународна потерница на 3 ноември 2023 година, само неколку дена по апсењата во случајот Синџир.

Багерист обвинет дека е на чело на Синџирот

Првообвинет како организатор на злосторничкото здружение е Сашо Вучков. Заедно со него се и неговите татко, мајка и сопруга. Уште двајца вработени во неговите фирми, кои работеле како багеристи и камионџии, се обвинети дека се организатори на групата. Меѓу обвинетите има сопственици на фирми, но и сиромашни и неуки луѓе на чие име биле отварани фирми или фигурирале како управители.

„Дел од лицата биле организатори, а дел биле членови и припадници на групата и секое од нив со одредени активности учествувало во сторување на кривичните дела кои им се ставаат на товар. Што се однесува до степенот на образование, кој го имаат пријавените лица, може да кажам дека искуството до сега ни потврдило дека и лица со понизок степен на образование може да сторат кривични дела од областа на финансискиот криминал“, велат во Финансиската полиција која ја спроведе истрагата.

Семејствата на дел од обвинетите велат дека ги товарат за милионски криминал, а ги бранат адвокати по службена должност зашто немаат пари да платат. Други велат дека немаат пари за вештачење за да докажат дека не потпишувале ништо.

Код ја отвори темата уште на почетокот на ноември минатата година.

Тогаш пишувавме дека багерист со основно образование е осомничен дека е еден од тројцата организатори на злосторничкото здружение од сопственици и директори на фирми, кои со лажни фактури направиле даночна измама и го оштетиле буџетот за 8 милиони евра.

Извори од истрагата за Код велат дека дел од уапсените воопшто не се бизнисмени, туку необразовани и сиромашни луѓе кои биле злоупотребени за да фигурираат како сопственици или управители на фирмите. Тоа се луѓе кои не знаат како изгледа фактура, а не да прават финансиски криминал. Дел од нив биле злоупотребени зашто им требале пари за лекари, за надминување на коцкарски долгови или „подлажнати за малку пари“. Дел можеби и не знаеле што потпишуваат.

Извори од истрагата за Код оценија дека акцијата е целосно фијаско, зашто не се опфатени големите риби, а се апсат само ситните играчи. Обвинителството остро реагираше дека се работи за „исклучително професионално спроведена акција“ зад која стои посветена теренска и аналитичка работа испишана на повеќе стотици страници.

Директорот на Финансиската полиција Горан Иванов, во писмен одговор до Код, соопшти дека се работи за успешна акција.

„Ако ги имаме предвид делата кои им се ставаат на товар на пријавените лица, како и износот на предизвиканата штета, во никој случај не може да се каже дека станува збор на ситни риби“, вели директорот на Финансиската полиција Горан Иванов.

Во момент кога вакви луѓе веќе се носеа во притвор, првоосомничениот се појави на јутуб интервју за да ја раскаже својата страна на приказната.

Крив сум, ама не сум главен, вели Сашо Вучков, сопственик на неколку пропаднати фирми од Неготино. Имаше кривични пријави против мене, па ме уценија да работам за фирми блиски до власта, вели тој и наведува други бизнисмени кои наводно го вклучиле во шемата.

„Ми вика ќе работиш, ќе правиме документи за една фирма од Битола, првично СВ-Инвест, а подоцна и за друга – Новоматрикс. Вика за да нема кривични пријави за тебе, во иднина, со уцени ме принудија да го правам тоа и јас веќе немав што во животот. Немаш пари, кривични ако ти поднесат и викам тоа е, власт се. Вика знаеш кој е СВ-Инвест, знаеш со кого работи, со Вице Заев, можеби и со некои други, можеби ќе ме тужат. Мене ме тужат за 20 години затвор, па да ми е страв за нешто друго. Се работеше така некој период, додека со моите фирми што ги имав кругот се стесни, една од фирмите ми блокираа за плаќање данок, не можев да вадам пари, земав фирма на име на татко ми, кој се обврза за да ме спаси. На неговата фирма пуштаа пари, и тој одеше и ги вадеше“, вели Вучков.

Тој признава дека тој и неговиот татко се осомничени и за перење пари, зашто ги ваделе парите од банка, но тврди дека не зел ни денар од нив.

„Даваат доказ дека татко ми со кола, една битолска, друга неготинска, еден ден битолска, друг ден неготинска, го носат од банка на банка, од која три милиона, од која два, од која пет, која банка колку пари ги има, се вади и парите се носат, тие ми покажаа слики од пред Вила Парк Струмица, како излегува дете по име Јосе и татко ми му ги дава парите на истото дете цело време“, рече Вучков.

По интервјуто, сам се пријавил во полиција.

Судот сега треба да одлучи за прифаќање на обвинителниот акт, по што треба да почне судењето. Во Финансиската полиција очекуваат пред сè да де намири штетата на Буџетот и да се конфискува нелегално стекнатата имотна корист од сторителите на кривичните дела.

Срѓан Стојанчов

 

 

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Што мислат за истополовите бракови, дали црквата треба да плаќа данок и колку партиските лидери им се шефови и им „бркаат“ гласови- Пендаровски и Силјановска во Претседателската дебата на Телма

Дејан Дејан

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе