Вести Македонија Топ вести

Престрелка или планирана ликвидација?! – еден загинат и двајца ранети на Пластичарска

На Пластичарска денес е мирно, но доцна вечерта звукот на полициските сирени бил најгласен во овој дел од градот.

Еден убиен и други двајца ранети, е билансот по пукотниците. Според информациите, загинатиот е 29-годишниот Амар Исмани, млад пејач и блогер кој своите песни ги изведува на албански јазик, а имал соработка и со пејачи од Косово и Албанија.

Нешто пред полноќ пристигнала пријава за случајот, во СВР Скопје. Засега, случајот се води како пукање и нема потврда дека станува збор за престрелка.

„Синоќа околу 23:40 часот во СВР Скопје е добиена пријава дека има пукање на булеварот Никола Карев. Пет минути подоцна од болницата „Св. Наум Охридски“ имаме добиено пријава дека кај нив е донесено едно лице со повреди, а од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ имаме добиено пријава дека кај нив се донесени две лица со повреди, од кои кај едното по извршените медицински интервенции околу 45 минути по полноќ едно лице починало“ вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

За случајот се огласија и од Обвинителството. Извршен е увид на местото на пукањето, издадени се наредби за вештачење на трагите прибрани од лице место и се преземаат и други дејствија.

Веднаш по пукањето, на терен пристигнале повеќе полициски возила. На помош истрчале и десетици луѓе од околните куќи и објекти. Сѐ се случувало околу полноќ. Сега надлежните институции работат на расветлување на случајот.

Од болницата Св. Наум Охридски информираа за состојбата во која во моментов се наоѓа еден од ранетите во пукањето.

Другиот повреден е хоспитализиран на Клинички и засега нема информации за неговата состојба.

„Околу полноќ во нашата клиника е примен пациент, поради повреда здобиена од огнено оружје. Повредата е во предел на задната страна од градниот кош, при што куршумот завршил во делови од ‘рбетниот столб, во предел на градните пршлени. Веднаш е направена хируршка интервенција и пациентот се наоѓа во стабилна состојба” вели д-р Љубен Арсенков, директор на болницата „Св. Наум Охридски“.

Во тек е истрагата за случајот, по што ќе треба да се дојде до мотивите за пукањето, како и тоа што претходело на убиството.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Груевски се жали во судот во Стразбур за предметот „Тенк“ – објавено на што се однесува апликацијата и прашањата што треба да ги одговори државата

Дејан Дејан

Две години затвор за медицинска сестра на Онкологија за проневера на лекови – Апелација ја потврди пресудата, таа е во бегство

Дејан Дејан

Summer job како испомош во Бон- како МНР ја испрати поранешната ТВ водителка Бесмира Ејупи во дипломатска мисија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе