Вести Македонија Топ вести

Автопатот Кичево – Охрид како легендата за Радин мост – Дење го градат, ноќе паѓа

Автопатот Кичево – Охрид станува историски, како Радин Мост во Кратово.

Според легендата, го ѕидале девет браќа. Дење го граделе, ноќе паѓал. За да го прекинат проклетството, во темелите ја заѕидале најмладата снаа Рада, по која го добил името.

На автопатот ќе решат едни свлечишта, се појавуваат други. Само што не се работи за проклетство, туку, како што оценија експертите, за погрешно избрана траса.

Владата повторно го продолжи рокот за завршување на автопатот за уште три години, до крајот на 2026 година, откако беше пробиен крајниот рок со досегашните анекси – 31.12.2023. Не се предвидени дополнителни пари за изградба, цената останува 598 милиони евра.

„Продолжувањето на рокот е неопходно поради појавата на новите 13 свлечишта што се појавија на трасата, а како резултат на несоодветното проектирање и прераното започнување на изградба без да се земат предвид реалните состојби на теренот кои требало да се третираат во првичната проектна документација“, велат во Министерството за транспорт и врски.

Делници од патот во рамничарскиот дел на трасата ќе бидат пуштени порано бидејќи се скоро готови и нема ризик од свлечишта по нив. За делот од Кичево до тунелите кај Пресека ќе треба повеќе време, а од после тунелите кон Охрид треба да биде пуштен во употреба веќе наредната година летото, освен делот од Песочани до Требеништа кој треба да се гради до октомври 2026.

Владата ги препратила измените на Законот за автопатите со кои се пролонгира рокот на изградба до Собранието, кое треба да ги изгласа.

Автопатот Кичево – Охрид почна да се гради во февруари 2014 година. Требаше да чини 375 милиони евра и да заврши во 2018 година. Со низа анекси на договорот, рокот за изградба пет пати се продолжуваше, а цената растеше. Досега се потрошени околу 440 милиони евра, а остануваат уште 160 милиони евра за завршување.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гир: Првиот круг на изборите, генерално, мина во мирна и демократска атмосфера

Дејан Дејан

„Волстрит журнал“: Американските разузнувачки агенции не веруваат дека Путин има било каква врска со смртта на Навални

Дејан Дејан

Тоа се насилници, не уставобранители – Спасовски против помилување на лицата кои упаднаа во Собранието на 27 април

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе