Меѓу неколку веќе изградени или пред завршување, фабрики, ја нема онаа крунската, најавувана со сите фанфари, фабриката за електрични автомобили Некст е.Го со која и Македонија требаше да отпочне сопствена автомобилска индустрија. Проектот пропадна, откако германскиот партнер пред суд во Германија откри дека има финансиски проблеми, а ТИРЗ суспендираше секаква државна помош за проектот. На местото каде се удираа темелите за е.Го во август 2022-ра, е изграден друг погон. Опозицијата повика надлежните да испитаат зошто пропадна инвестицијата и дали има криминал со државната помош.
„Купуваа време и лажеа, не овој петок, нареден понеделник ќе почне со градба, де тесна била парцелата, де широка била маркицата и на крај се пропадна. Но најстрашно е дали и каде заврши најавената државна помош за оваа голема лага. Имено владата одлучи оваа „инвестиција“ да ја поддржи со 35% од вкупната вредност, односно со 42,5 милиони евра народни пари. Медиумите во април месец 2023 објавија дека инвеститорот Некст.Е.Го Мобиле добил одобрување на државна помош од 42.585.856 милиони евра согласно извештајот на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2022“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ТИРЗ негираат исплата на било каква помош. Директорот на зоните Јован Деспотовски изјави дека нема исплата на ниту еден денар затоа што и покрај барањата за државна помош, фирмата не успеала да почне со проектот и почнала стечај во Германија.
„Во интерес веднаш да се расчисти со овие сомнежи и обвинувања и намалување на штетата врз луѓето и овие компании, јавно ја покануваме политичката партија ВМРО ДПМНЕ веднаш и без одлагање да дојде и да направи увид во целокупната документација на проектот и да најде макар 1 денар јавни пари исплатени на компанијата. Доколку се утврди дека вакви средства не се исплатени, очекуваме политичката партија да упати јавно извинување за нарушен углед до сите компании што користат поддршка од државата“, соопштија од ТИРЗ.
Фирмата е.Го, во постапката пред германскиот суд навела дека инвестицијата е ризична поради нестабилниот европски пазар за електрични автомобили. Партнер во Тетово требаше да им биде Еколог, компанијата на семејството Дестани, чиј менаџмент се коментираше како близок на ДУИ.
МИОМИР СЕРАФИНОВИЌ
