Вести Најважни Свет

Бродот од Кипар со хуманитарна помош ќе тргне утре кон Газа

Додека се интензивираат напорите за достава на помош во Газа, се засилуваат и нападите на израелската армија во Појасот каде што цивилното население веќе одамна се соочува со сериозна хуманитарна криза поради петмесечната војна. Во последното деноноќие се регистрирани смртоносни удари врз централниот и јужниот дел од Газа.

Меѓународната заедница, во трка со времето, се обидува да ја достави помошта преку три канали. Врз Израел се прави притисок да дозволи влез на поголем број камиони преку главните точки како што е Рафа, граничниот пункт меѓу Газа и Египет. САД и некои други земји веќе фрлаат пакети со потребните производи од воздух.

„Умираме од глад. Доставата од воздух без падобрани усмрти и повреди луѓе. Не можеме да ги одржиме децата во живот. Имам седум деца и не можам да ги нахранам“, изјави жител на Газа.

А од утре треба да почне и доставата по воден пат со брод којшто тргнува од Ларнака, Кипар што беше најавена за денеска. За првата пловидба се обезбедени 200 тони храна од невладини организации. Во Средоземното Море пристигнува и американски брод кој доставува опрема за изградба на привремено пристаниште во близина на брегот на Газа. Но Вашингтон првично планира да го користи Кипар за контрола на пратките. Во проверките ќе бидат вклучени и израелски официјални лица.

 „Ќе ја донесеме помошта преку морската рута која е координирана со САД во однос на безбедносната и хуманитарната страна, со помош на Емиратите во однос на цивилната страна и со соодветна инспекција со Кипар ќе пристигнеме со производите кои ќе стигнат од меѓународните организации со американска помош“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Војната во Појасот Газа ја започна нападот на Хамас на југот на Израел на 7 октомври, во кој, според израелските податоци, загинаа 1.200 луѓе, додека 253 беа земени како заложници. Поради зголемениот број цивилни жртви, официјален Вашингтон предупреди дека Израел ризикува да ја загуби меѓународната поддршка. „Премиерот Нетанјаху повеќе му штети, отколку што му помага на Израел“, изјави претседателот Бајден кој инаку го поддржа Тел Авив во потерата по Хамас – палестинска екстремистичка организација која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка.

Maja Стојаноска – Филдишев

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

НП Шар Планина: Почна демонтажа и изнесување на цевководите од малите хидроцентрали „Пена 84“ и „Пена 85“ од долината на Лешница

Sasko Dimovski

Сета медицинска документација и фискални сметки за постапка за надомест на штета – правни механизми пред гостиварци кои може да поднесат и приговори за јунските фактури за вода

Sasko Dimovski

(Видео) Пожарот кај Велес се прошири кон патот за Штип, чадот стигна до автопатот – интервенираат „ер трактори“

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе