Вести Македонија Топ вести

МВР: Онлајн проверката за документите важи само за фотографираните после први јануари годинава

До МВР немало ниту една поплака досега, за начинот на кој функционира онлајн-алатката за проверка на готовите документи.

Сепак, дел од граѓаните останаа збунети и се обратија до медиумите. Налетале на известувањето „Не е пронајден запис!“.

А, од Министерството за внатрешни работи денес со дообјаснување. Системот дава информации само за граѓаните кои се фотографирале од први јануари годинава.

Онлајн-алатката за проверка е пуштена во функција вчера. Само со впишување на матичниот број и селекција на бараниот документ, се проверува дали истиот е готов.

Досега, граѓаните беа приморани да чекаат и по неколку часа само за да дознаат дали пасошот им е изготвен. Тоа придонесе за метеж пред шалтерите и бројни реакции во јавноста.

Тоа што граѓаните не можат да го направат во моментов, е онлајн да закажат фотографирање за лични документи, а телефонските линии се постојано преоптоварени.

„Со впишување на ЕМБГ може да се провери дали патната исправа е во процес на изработка или истата е подготвена за издавање. Ова засега важи само за лицата кои се фотографирале за патна исправа во МТВ и „Пролет“. Во иднина ќе се прошири и за сите пунктови, како и за личните карти. МВР презема мерки и активности за граѓаните да можат и електронски да закажат фотографирање“, порачаа од МВР.

Во текот на 2022 и 2023 година недостасуваа сервисни информации за управните работи на МВР. Ова го покажале анализите и истражувањата на Центарот за Европски стратегии – „Евротинк“.

Оттаму апелираат, институциите да бидат поажурни барем во информирањето на граѓаните, во време на криза.

„Тоа се сервисни информации коишто во минатиот период требаше со поголем интензитет, со одредена динамика и со одредена структура да бидат пласирани во континуитет, на различните целни групи. Тука се луѓето коишто треба да обноват документи поврзани со возила, лични карти и патни исправи“ вели Александар Стојановски, од Центарот за европски стратегии – „ЕВРОТИНК“.

Во меѓувреме, Јавното обвинителство има формирано предмет, во кој се споени три кривични пријави во врска со издавањето на личните документи и по него се постапува професионално.

Потоа, обвинителството ќе донесе соодветна одлука, изјавил републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски, во интервју за „Слободен печат“.

Едната пријава е од граѓанин, а две се поднесени од страна на претставници на политички партии.

Петар Догов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Андоновски: Ќе разговараме со нотарските комори да се прифатат електронските документи како валиден документ

Дејан Дејан

(видео)Андоновски: „Електронскиот паричник“ е опција, не обврска

Дејан Дејан

(видео)Андоновски во Топ Тема: Има десетици компании кои што веќе работат исклучиво електронски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе