Uncategorized Вести Емисии Код Македонија Топ вести

Шестдневното бегство на Палевски – Од Белград, преку Бугарија до турска зандана

Прв ден бегство

30-ти ноември, четири дена по убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, осомничениот за убиството Љупчо Палевски Палчо, ја напушта Македонија и оди во Белград. Го вози неговиот адвокат Васко Стојков со автомобил Шкода СуперБ. Во Белград го оставил во хотел.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски негира дека некој во полицијата „му шепнал“ на Палевски дека го бараат за да избега. Спасовски изјави дека во тој момент, Палевски не е осомничен за киднапирањето и убиството на детето.

„Не може да има дојава за него, затоа што излегувањето е претходно, пред да ги утврдиме овие факти, и приведувањето на другите лица, вие знаете дека приведовме пет лица коишто беа поврзани, и тогаш практично се извршија и одредени претреси и обезбедувавме докази, така што таа информација никој ја немал претходно дека е учесникот за да може да му дојави“, изјави Спасовски на 4 декември.

Адвокатот Стојков изјави дека Палчо му рекол оти има закажано прегледи, а нема кола и затоа го возел до Белград. Во телефонски разговор за Телма на 4 декември, тој рече дека откако разбрал за што е осомничен Палевски, му пратил порака да се врати и да даде исказ, затоа што станува збор за сериозна работа. Дали и каков одговор добил не сакаше да открие. Рече дека сѐ кажал во полиција, но од тогаш повеќе нема контакт со Палевски, кому освен што му бил адвокат во одредени случаи, биле и пријатели.

„Јас сум адвокат и ако сум знаел било што сигурно немаше да го носам“, рече Стојков во телефонскиот разговор за Телма.

Палчо наводно му рекол дека ако работите не се во ред, ќе замине на лекар во Истанбул.

Во четвртокот, на 30-ти ноември, инаку многу активниот на социјалните мрежи Палевски, нема објавено ништо.

Втор ден бегство

Веќе наредниот ден, во петокот на 1 декември, додека е во Белград, Палчо има објавено 6 поста на Фејсбук. Почнал во 10:27 изутрина и за неполн час има 5 политички објави. Во својот препознатлив стил со навреди и теории на заговор, пишува за Американците, за нацизмот, за учеството на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Конференцијата на ОБСЕ во Скопје, атлантизмот, ционизмот и за глобалното поместување. Последната содржина ја споделил во петокот на 1 декември во 13:51. Тоа е и последна негова објава на Фејсбук.

Истиот ден, полицијата приведува петмина луѓе, меѓу кои и сега осомничените сопартијци на Палчо – Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски. Оваа информација не е јавно соопштена, но ним блиските луѓе веќе знаат за апсењата.

Тие сега се во притвор. Осомничени се за киднапирањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.

Палчо, според истрагата, на 1 декември воспоставува комуникација со Стефан Димковски, кого Обвинителството го сомничи за помагање во бегството на Палевски. Димковски доаѓа во Белград со бел Ленд Ровер со струмички регистрации.

Трет ден бегство

На 2 декември, во саботата, тие се упатуваат на југ кон Ниш, па оттаму источно кон Пирот и на граничниот премин Градиње – Калотина влегуваат во Бугарија. Според Гугл мапс, од Белград дотаму има 3 часа и 20 минути возење.

Истиот ден ја поминуваат цела Бугарија и преку граничниот премин Капитан Андреево – Каписи влегуваат во Турција. Од влезот во Бугарија до влезот во Турција има уште околу 4 часа возење.

Тој ден, околу 13:30 часот, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при посетата на СВР Куманово, изјави дека за случајот со грабнувањето на Вања Ѓорчевска има петмина приведени и оти полицијата претходниот ден работела до доцна во ноќта.

Четврти ден бегство

Во неделата на 3 декември, во 10:45 часот, Димковски објавува фотографија од Мостот Осман Гази, на пат од Истанбул кон Баликесир, во западна Турција.

Обвинителството го сомничи Димковски за помагање во бегството.

„Таму биле заедно до 03.12.2023 година, по што сторителот останал, а сега осомничениот со возилото преку Грција се упатил кон државава каде бил приведен на граничниот премин Стар Дојран“, соопшти Обвинителството.

Димковски негира вина. И тој вели дека го возел Палевски на лекар во Турција.

Во неделата на 3 декември, полицијата ги пронаоѓа телата на Жежовски во близина на велешкото село Рудник, и на Ѓорчевска во атарот на скопското село Бразда. По бројните шпекулации во јавноста, надлежните дури вечерта во 21 часот соопштуваат дека телата на убиените биле пронајдени.

Петтиот ден откако Палевски ја напушта Македонија, во понеделникот на 4 декември, полицијата распишува меѓународна потерница.

Шести ден бегство

Во вторникот на 5 декември, тој е веќе уапсен во градот Баликесир во Турција. Индикативно е што, додека се движел во Турција, Палевски презел мерки за ја заметне трагата. Тргнал со такси кон Истанбул, излегол од градот, но потоа се вратил. Полицијата го уапсила додека се движел по еден од автопатите пеш.

„Земал такси да оди во Истанбул, излегол од Баликесир, тргнал кон Истанбул и за кратко време се вратил пак назад во Баликесир. Тоа е таа симулација со која веројатно мислел дека на тој начин нема да биде откриен“, изјави Спасовски на 5 декември.

Засега е непознато зошто Палевски прво дошол во Баликесир, а по неколку дена се упатил назад кон Истанбул. За да стигнат до Баликасир, тие морале да поминат низ Истанбул, па потоа возеле уште 300 километри или околу 3 часа на југ, за по неколку дена Палчо да сака да се врати во градот на Босфорот. Тогаш и бил уапсен од турската полиција.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сончево и потопло со мала до умерена облачност – Временска прогноза за 28.4.2024

Дејан Дејан

ФОТО/ВИДЕО: Превртен автомобил на Партизанска во Скопје

Дејан Дејан

Топ Тема – Што ќе значи исходот од трката Османи – Таравари за парламентарните избори? 26.04.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе