Првоосомничениот дека ги организирал грабнувањата и дека лично со пиштол ги убил 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, Љупчо Палевски викан Палчо излегол од Македонија на 30 ноември. Отишол прво во Србија, па оттаму во Бугарија. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски негира дека некој во полицијата „му шепнал“ на Палчо дека е осомничен за да избега. Во моментот кога ја напуштил државата, тој воопшто не бил осомничен.
Во последните години, Палевски ѝ беше познат на јавноста преку неговите опскурни политички движења, јутјуб подкастите во кои ширеше теории на заговор, крајно десничарски ставови и националистички пораки.
Додека цела Македонија трагаше по детето, за чие убиство е осомничен, Палевски си објавувал политички пораки и фејсбук беседи за перењето пари во Македонија.
Токму неговото политичко движење Десна, во кое полицијата извршила претрес, а преку кое е активен на Фејсбук, е врската со другите осомничени. Движењето е опишано како „Прирачник на чистите, сирови идеи“. Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски на Фејсбук објавуваат заеднички фотографии со Палевски со симболика која се користи од крајната десница.
За киднапирањата и убиствата има петмина осомничени. Палевски е во бегство, се уште не е докрај расветлена улогата на таткото на убиеното девојче и тројца кои веќе се во притвор. Велибор Манев, Влатко Кешишев и карате мајсторот Боре Видевски признале сè. Според нивните сведочења, Палевски лично ги извршил двете убиства, на кои присуствувале двајца различни осомничени кои сведочеле на нив
„Во просториите на Основното јавно обвинителство, тројцата од сите петмина инволвирани за коишто постојат основи за сомнение во овој момент дека се извршители на овие кривично-правни дејствија, имаме признание за целокупниот нивен ангажман, тек на настанот, кој какви дејствија презел и кој со што и зошто бил задолжен во текот на сите овие активности, преземени од нивна страна“, рече шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски.
Детето било грабнато за да се бара откуп од мајката, но нешто тргнало спротивно на планот и било убиено 3 часа по грабнувањето.
Нејасно е како Палевски, кој вртеше милионски бизниси во 90-тите, дошол до ниво да киднапира дете за изнуда од десетици илјади евра.
Во 90-тите години, сега згаснатата фирма на Палевски УПА Ентерпрајс, градеше многу згради во скопско Дебар Маало. Најпозната е зградата Тифани, на крајот на Партизанска во Центар.
Позната му била и зградата каде што живееше и од каде што беше грабната малата Вања. Токму неговата фирма ја градела. За тоа сведочи и имотниот лист, според кој помошните простории во зградата сè уште се води на УПА Ентерпрајс.
Во политиката стана познат како претседател на градската организација на СДСМ пред дваесетина година. Во меѓувреме стана сопственик на своевремено популарниот неделник Старт во кој работеа познати новинарски имиња, и на телевизијата ТВ Скопје, со која не постигна медиумски успех.
Неговото политичко движење Трета пред неколку години се спои со партијата Глас за Македонија на одметнатата сдсмовка Солза Грчева.
Во мај годинава, Палевски бил уапсен во близина на тунелите Демир Капија – Јаворица зашто носел пиштол без дозвола. Наводно бил фатен заедно со уште три други лица како бараат злато, а се обидел да го фрли пиштолот за кој имал само дозвола за поседување, не и за носење.
Во 2019 година беше уапсен на аеродромот Никола Тесла во Белград по потерница од Хрватска заради постапка за неплатен долг.
Во 2021 година пцуел инспектори од Финансиската полиција додека жена му била на распит.
Според судските списи, тој бил чест гостин на македонските судови, каде што најчесто се појавувал за спорови за пари.
Двојно убиство, од кое едно на дете, е сосема поинаква ситуација.
Срѓан Стојанчов