Вести Најважни Свет

Сите премини кон Бањска и натаму блокирани – се проверуваат и верниците во манастирот дали имало помагачи за инцидентот на Косово

Ден откако група Срби се обиде да го блокира патот во селото Бањска на Косово, и дојде до вооружен конфликт во кој загинаа тројца напаѓачи и еден припадник на косовската полиција, сите приоди кон Бањска се уште се блокирани од силни полициски сили, а околу селото се распоредени голем број полицајци со оклопни возила. Безбедносната состојба и натаму е тензична. Уапсени се шестмина напаѓачи, на кои им е одреден притвор од 48 часа, а се сомничат за кривично дело – тероризам, а во текот на ноќта уапсен е уште еден напаѓач.

Доцна синоќа продолжи акцијата на косовската полиција за пронаоѓање останатите од групата која изврши напад врз косовските полициски службеници, а која според косовското Министерство за внатрешни работи броела 30 лица, маскирани и во униформи, и вооружени со тешко оружје. Рации се извршени на одредени локации, стамбени згради и возила, како и во возилата околу манастирот во селото Бањска.  Според првите информации пронајдени се стотици парчиња оружје, униформи и логистичка опрема, меѓу кои и гранати, пиштоли, митралези, калашникови, зољи и друго оружје од тежок калибар. Денеска се проверуваат и верниците од манастирот Бањска, за да се утврди дали меѓу нив имало помагачи.

Трупите на КФОР и Еулекс се уште се во состојба на готовност, а меѓународната заедница одигра голема улога во смирување на ситуацијата на терен. Посебно се разговараше и со Курти и со Вучиќ, а специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак вели дека инцидентот на северот на Косово е длабоко загрижувачки и е во спротивност со принципите на мирот и соработката.

„Овој страшен напад дополнително ја нагласува неопходноста од превентивна дипломатија и дијалог, што беше нагласено минатата недела за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк“, напиша Лајчак на Фејсбук.

Но, според реториката на двете страни, тешко дека наскоро Курти и Вучиќ ќе седнат на иста маса.

  • Никогаш нема да ја признаеме независноста на Косово. Можете да не убиете сите. Можете да правите што сакате. Никогаш нема да ја признаеме независноста на Косово. Србија никогаш нема да ја признае  независноста на Косово, тоа чудовиште што го направивте со бомбардирањето на Србија, изјави Вучиќ. 

 Денешниот ден на Косово е прогласен за ден на жалост, во чест на полицискиот старешина, Африм Буњаку, кој беше убиен во нападот. И Вучиќ го осуди убиството на полицаецот рече дека е нешто што никому не му треба, но и предупреди дека Курти сака да ја доведе Србија во конфликт со НАТО.

Последниот инцидент, се случува по нешто повеќе од една недела откако неуспешно завршија  преговорите меѓу Белград и Приштина за подобрување на односите.

Алиса Шутиноска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

МНР повикува на внимателност од страна на сите политички чинители- почитување на Уставните одредби, како и Договорот од Преспа

Дејан Дејан

Величковски: Правникот знае дека преземањето должност во непостоечка држава “Македонија” значи “преземање” на непостоечка должност

Дејан Дејан

Путин го разреши министерот за одбрана Шојгу

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе