Вести Македонија Топ вести

Донаторот на ДУИ „лапна“ уште еден државен тендер од милион евра

Нов тендер од над 1 милион евра доби компанијата Еуровија од Желино на најголемиот донатор на ДУИ.

Фирмата доби тендер од Министерството за животна средина од скоро 64 милиони денари за регулација на дел од ободниот канал во Арачиново. На тендерот се пријавиле три фирми, а Еуровиа дала најевтина понуда.

Сопственикот на фирмата Елмедин Адеми и фирмите блиски до него се меѓу најголемите донатори на ДУИ.

Еуровиа влезе во фокусот на јавноста по добивањето на тендерот од 1,8 милиони евра за адаптација на Спортскиот центар Борис Трајковски заради конференцијата на ОБСЕ што треба да се одржи во декември.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи негираше политичко влијание врз изборот и тврди дека била избрана најевтината понуда.

Адеми лани ѝ донирал на ДУИ скоро 40 илјади евра, 2,5 пати повеќе од законски дозволеното. Фирмите блиски до него, Еуровиа и Виаком донирале уште 60 илјади евра.

Антикорупциската утврди дека ДУИ му ги вратиле вишокот пари само еден месец пред да го добие тендерот за Борис Трајковски и со тоа бил прекршен законот за финансирање политички партии.

Антикорупционерите исто така отворија предмет и за тендерот за Спортскиот центар Борис Трајковски.

Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска минатата недела рече дека ќе ги почекаат наодите на Антикорупциската за да одлучат како ќе постапуваат.

Пратеникот Фадиљ Зендели од Беса пред неколку дена обвини за конфликт на интереси со изборот на донатори на ДУИ за подизведувачи на американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка за изградбата на автопатите од Коридорот 8.

„Колку милиони евра ќе се слеат на сметките на „Еуровиа“ и „АК ИНВЕСТ“? Колку од тие средства ќе се слеат на сметката на ДУИ, а колку во џебовите на некои клиентелисти инсталирани околу Али Ахмети“, праша Зендели.

Вицепремиерот Артан Груби, кој е и координатор за изградбата на автопатите, како и лидерот на ДУИ Али Ахмети негираа дека имале влијание врз изборот на подизведувачи.

Законот забранува фирма донатор на политички партии да добива државни тендери.

Адеми негираше дека токму таа Еуровиа донирала со оглед на тоа што има повеќе фирми кои го содржат тоа име, но се дел од поголема групација. Така, смета тој, не е прекршен законот. Адеми најави дека нема да се откаже од тендерите, зашто неговите компании имаат 250 вработени, кон кои има морална обврска.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе