Вести Код Македонија

КОД: Шемата фирми од Ахмети преку неговиот зет води до пратеникот Јахоски, но и до РКМ на Капушевски

Во минатото истражување ги обработивме јавно достапните податоци кои се одставуваат во централниот регистар и ја докажавме врската на следната генерација од семејството на Али Ахмети.. Син, внуците и зетот беа во шемите кои полека се разгрануваат и стигаат до увозникот на мазут за ЕСМ, РКМ и Ратко Капушевски.

Сите податоци претставени во органограм, изгледаат како шемата. Многу фирми, многу бизниси, многу роднински врски. Но понекоја партиска врска.

Зградата, новододадена е продолжение на трговскиот центар Лептокарија (Карпош 3), а иако е поделена со паркинг и зеленило, се води на булеварот Партизански одреди. Минатата емисија откривме дека зетот на Али Ахмети, Куштрим Смајлај е во сопственичката структура на фирмата К.С.А. Оваа фирма е формирана лани во јануари, и за 2022-ра имала приходи од над 722 милиони денари односно 11,7 милиони евра од кои како профит пријавила точно 2 милиони евра.

К.С.А. е регистрирана за дејност „изградба на станбени и нестанбени згради“, а втор сопственик на фирмата е Ерџан Сулкоски. На гледачите кои го следат КОД редовно, името им е познато, станува збор за партнерот На Ратко Капушевски во фирмата РКМ која има огромни зделки во вредност од над 100 милиони евра за набавка на мазут со државната ЕСМ за ТЕЦ Неготино.

Многу важна адреса

К.С.А. се наоѓа на адресата на зградата на Партизанска. Партизански одреди број 102/1-1 е адресата на КСА, но и на други фирми. КОД пронајде уште две фирми регистрирани на адресата на која фирма има Смајлај, зетот на лидерот на ДУИ и пратеник Али Ахмети. Сопственичките на фирмите на иста адреса имаат исто презиме како уште еден пратеник на ДУИ, Исмаил Јахоски. Станува збор за компаниите БИ Холдинг на која сопственичка е Хана Јахоска, а тука е регистрирана и веќе неактивната компанија Вест Балкан Стоун чија сопственичка исто го носи презимето Јахоска.

На овој начин преку адресите се поврзуваат бизнисите на семејството на лидерот на ДУИ и на пратеникот на ДУИ. Дополнително голем дел од деловниот простор во зградата на Партизанска 102 всушност се води како имот или на фирмите БИ Холдинг или на Пуцко Петрол, покажуваат податоците во Катастарот.

Но, КОД се обиде да дознае повеќе работи и од луѓе кои имаат пристап до финансиски податоци. Банкарските тајни се законски заштитени, но врз основа на податоци од нашите извори, дознавме дека фирмите на Дрин Ахмети, внукот на Ахмети се поврзани со фирми на познат бизнисмен кој всушност е сват со Али Ахмети.(продолжува по линкот)

КОД: Бел ролс-ројс во Кичево кај сватовите на Али Ахмети, лимузината стигнала од гаражата на Габриел Бајрам

Трансакции меѓу внукот и сватот на лидерот на ДУИ Али Ахмети

Тхор на Дрин Ахмети е дел од конзорциумот кој ја купува Соравиа во центарот на Скопје. Според неговите зборови досега од 6 милиони евра дадени за зградата, тој не дал ниту едно евро, но добил 39 % од центарот. Главен финансиер на бизнисот е Владимир Пјетерѓокај од Албанија и фирмата Пе-вла-ку од Тирана. Дрин Ахмети се обидувал за своите бизнис идеи кои ги пофалија содружниците во Соравиа, да добие кредити и кај најмалку две македонски банки. Но, идеите не биле прифатливи за да добие кредит. Дрин според сознанијата на КОД ги убедувал банкарите дека ќе работи на нискоградба, патишта и градилишта бидејќи очекува тој бизнис да се отвори во наредниот период.

Интересно е во што тие разговори, самиот Дрин Ахмети навел дека фирмата Еверест првично, но на име на другар ја правел и управувал со неа татко му Фекри Ахмети односно братот на лидерот на ДУИ. Фекри инаку никогаш не е заведен како дел од структурата на Еверест. Прв бизнис на Еверест била државна концесија за ископ на минерални суровини од 2006-та. На прес конференцијата Дрин Ахмети посочи дека фирмата Еверест ја презел од брат му Бесиан без да напомне дека тој заминал во дипломатска мисија.

Што се однесува за втората по Соравиа позната фирма на Дрин, Тхор индустрис, таа лани имала околу 22 милиони денари промет од кои расходи 18 милиони денари. Но најголем дел од овие расходи на Тхор завршиле во фирмата АС Сењак на која и уплатиле околу 8 и пол милиони денари (8.433.175).

Сумата од околу 137 илјади евра не е голема во големите бизниси, но е голем траг кој поврзува два краци на семејството Ахмети. Фирмата АС Сењак всушност е во сопственост на бизнисменот Селаудин Арифи. Но е татко на вереницата на Шкумбин Ахмети, синот на лидерот на ДУИ. Што занчи дека е сват со пратеникот Али Ахмети. Односно Дрин, внукот на Али Ахмети од новоотворената Тхор пред да ја купи Соравиа префрлал пари на фирмата на сватот на чичко му.

Емисијата КОД со второто продолжение за имеперијата на Али Ахмети е објавена на 09.07.2023.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со лажни дијаманти измамил српски државјанин и му зел пари

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 27.04.2024

Дејан Дејан

Пендаровски: Истите луѓе кои упаднаа во Собрание, сега бараат власт, нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе