Вести Македонија Најважни

Пендаровски за холокаустот на македонските Евреи: За да има помирување, мора да има извинување за улогата на тогашната профашистичка влада во Софија

Претседателот  Стево Пендаровски ја предводеше Поворката на живите од старата железничка станица до тутунскиот комбинат, во спомен на македонските Евреи депортирани во нацистичкиот логор Треблинка.

Претседателот Пендаровски оддаде почит и положи цвеќе пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи во кругот на тутунскиот комбинат, каде беа поставени и камчиња со нивните имиња. Во своето обраќање, претседателот Пендаровски оцени дека ова е критично време кога бројот на преживеани сведоци на холокаусот се намалува, а антисемитизмот, за жал, се зголемува и порача дека наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме, за да не дозволиме, како што рече, никогаш повеќе силите на злото да добијат шанса да го повторат злосторството. Според претседателот Пендаровски, правдата подразбира да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите.

За да има помирување, рече македонскиот претседател, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.

-Фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани. Лишени од државјанство и правна заштита, Евреите биле отпуштани од јавните служби, децата исфрлани од училиштата, семејствата протерувани од нивните домови, истакна Пендаровски кој рече дека преку постапките кон македонските Евреи можеме да ги препознаеме сите етапи на холокаустот.

-Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?, порача Пендаровски од паметникот на жртвите на холокаустот.

-И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи, рече македонскиот претседател Стево Пендаровски.

За разлика од Пендаровски, владата во своето соопштение воопшто не го употреби зборот фашистички како опис за уништување на македонските Евреи во Втората Светска Војна кога Македонија беше окупирана и активно се бореше против фашизмот.

Поворка на живите: Одбележани 80 години од холокаустот на македонските Евреи кои беа однесени во логорот Треблинка од фашистичките окупатори

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе