Вести Македонија Најважни

Поворка на живите: Одбележани 80 години од холокаустот на македонските Евреи кои беа однесени во логорот Треблинка од фашистичките окупатори

Одбележувањето на комеморацијата започна со „Поворката на живите“ од локацијата на поранешната железничка станица во Скопје до некогашниот Монопол кој во 1943 година беше собирен центар за депортација на евреите во логорот на смртта во Треблинка.

На денешен ден, фашистичкиот окупатор ги собра сите Евреи кои живееја на територијата на Македонија и со железничка композиција тие беа однесени во логорот на смртта Треблинка. Биле убиени во неколку дена од пристигнувањето во логорот, а само неколкумина успеале да го преживеат холокаустот.

Дел од поворката беа пратеници од Израел, претставници на еврејски здруженија од земјава и светот, претставници на парламентарни политички партии, претставници на дипломатски кор и 200 гости од Израел.

Пепо Леви, претседателот на еврејската заедница во Северна Македонија рече дека 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, никогаш повеке не ги видоа своите родни градови. Марија, Пепо, Жоли, Бесале, Дора, Давид , Руфел, Јаков, Боена , Мари,Естер , живееја во слога и мир со македонскиот народ, со Tурците, Албанците, Србите, Ромите и со останатите народи од овие простори.

„Нека примерот на Евреите и соживот со Македонците и останатите народи од Македонија, според кажувањето на нашиот Мориц Романо, му биде пример на цивилизираниот свет како да ја гради иднината , демократијата и просперитетот, почитувајќи го основното човеково начело – правото на живот, она што ние Евреите го немавме во фашизмот.

Македонските жртви на холокаустот од Штип, Битола и Скопје, нека претставуваат залог за живот во мир и слога, живот без војна и омраза, на тоа не обврзуваат милионските жртви од Втората светска војна.“ – рече Леви.

Делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од заменик-претседателот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестии, Фатмир Битиќи, придружуван од Славјанка Петровска, министерка за одбрана, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи и Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, денска преставуваше на одбележување на 80 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи: Никогаш повеќе!. Одбележувањето е во организација на Еврејската заедница на РМ и Фондот на Холокаустот на македонските Евреи, а под покровителство на Владата на Република Северна Македонија.

На спомен обележјето во чест на депортираните Евреи од Македонија во дворот на некогашниот Тутунски комбинат Скопје со пригодни говори се обратија Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, заменик-претседателот на Владата, Фатмир Битиќи, претседателот на парламентарната група за пријателство на Израел и Северна Македонија, Хамад Амар, Ернест Херцог, од Светскиот Еврејски Конгрес, Марија Багдасарова, од Европскиот Еврејски Конгрес и претседателот на еврејската заедница во нашата земја, Пепо Леви.

На споменикот, свежо цвеќе покрај владината делегација, положија и останатите делегации како пратеници од Израел, претставници на еврејски здруженија од земјава и светот, претставници на парламентарни политички партии и претставници на дипломатски кор.

Претседателот Пендаровски во неговото обраќање го постави прашањето како беше возможно да се осмисли и спроведе ова радикално зло, и тоа во ерата на разумот, во научно и технолошки најразвиениот континент на светот, меѓу најобразованата генерација дотогаш.

„Антисемитизмот, што со векови тлееше во Европа, најде своја легитимација во неколку светогледи кои се преклопија. Нихилизмот го релативизираше вроденото достоинство и вредноста на човекот. Социјал-дарвинизмот, нацизмот и фашизмот, ги делеа народите на супериорни и инфериорни и ја всадуваа идеологијата на презир кон слабите и ранливите. Беше создаден морален вакуум во кој категоријата на злото ги потисна категориите на доброто и хуманото. Сето ова резултираше со Холокаустот како индустријализиран геноцид со масовни депортации, фабрики на смртта, гасни комори и крематориуми.“ – истакна Пендаровски.

Претседателот во обраќањето го цитирање добитникот на Нобеловата награда за мир, Ели Визел, наречен совеста на светот, кој во една прилика рече: „Ако нешто може да го спаси човештвото, само меморијата може.

„За мене, надеж без меморија е налик на меморија без надеж. Почитувани, затоа, наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме, за да не дозволиме, никогаш повеќе силите на злото да добијат шанса да го повторат злосторството.“ – заклучи Претседателот.

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во име на Владата на Република Северна Македонија, денеска зеде учество во активностите во рамките на комеморацијата по повод 80 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи, во организација на Еврејската заедница во Република Северна Македонија.

Во своето обраќање вицепремиерот Битиќи истакна дека пред 80 години, 7144 евреи го изгубија својот живот, брзо, сурово и непотребно, поради лудата и крволочна идеја на неколку, кои беа потоа поддржани од многу други.

„Ете толку е лесно злото да надвладее. Затоа денеска, како и сите денови, гласот на разумот, светлината, прифаќањето, човечноста и демократијата мора да е гласен и јасен. Да го слушнат сите. Нивните животи можеби завршија, но нивниот дух е постојано со нас, да не потсетува и да не храбри. Злото на Холокаустот не смее да се повтори.“ – истакна Битиќи.

Продолжувајќи дека духот живее со оние и за оние кои се сеќаваат на нив, кои ги носат во умот и душата, оние кои со непокор застануваат пред злото и велат, доста е.

„ Од тој непокор се изнедрува надеж за иднина и слобода, еднаквост, правичност и праведност. Денеска се сеќаваме на сите нив, тие не се бројка, тие се светлината која ни го покажува патот. Се сеќаваме, за никогаш да не се повтори. Слава им!“ – заврши Битиќи.

Ернест Херцог од Светскиот Еврејски Конгрес истакна дека само преку утврдување дека ужасите од минатото се интегрирани во светската свест, имаме барем некаква шанса да ги победиме силите на темнината кои му се закануваат на човештвото како целина, имено, силите на нетолеранција или антисемитизам, расизмот, исламофобијата и омразата воопшто.

„Поради тоа мораме секогаш да се залагаме за интегритетот на историската вистина. Затоа денес велиме „се сеќаваме“. Се сеќаваме што се случи. Но, се сеќаваме и што изгуби човештвото на ова место. Се сеќаваме на 2.313 деца на возраст под 16 години кои беа однесени од овде, за никогаш да не се вратат назад. Колку потенцијални уметници, музичари, писатели и научници имало меѓу нив? Колку луѓе би го направиле овој свет подобро место? Ние се сеќаваме. Не се сеќаваме само на нивните страдања и смрт. Се сеќаваме и на нивните животи, идеи, очекувања и надежи што ги имале. Се сеќаваме и на нивните неродени деца и нивните внуци. Се сеќаваме – и нема да заборавиме.“ – рече Херцог.

Марија Багдасарова од Европскиот еврејски конгрес рече дека меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, служи како моќен потсетник за ужасите од минатото и ја нагласува важноста на борбата против антисемитизмот, искривувањето на холокаустот и глорификацијата на нацизмот во денешен ден.

„Особено кога се чини дека сеќавањето на холокаустот станува се подалечен настан, додека преживеаните за жал нè напуштаат. Како и да е, нашето ветување да го одржуваме споменот на жртвите и преживеаните станува посилно од кога било досега и не охрабрува да продолжиме да се стремиме кон поправеден и сочувствителен свет.“ – истакна Богдасарова.

Членот на Кнесетот Хамад Амар во своето обраќање изрази благодарност за посветеноста на Република Северна Македонија во зачувањето споменот на Еврејската заедница и Холокаустот, како што е видливо во различните меморијални настани.

Комеморацијата по повод 80 годишнината од Холокаустот на Евреите од Македонија заврши со КАДИШ (молитва), и со полагање венци со свежо цвеќе на спомен обележјето во некогашниот монопол во Скопје.

Пендаровски за холокаустот на македонските Евреи: За да има помирување, мора да има извинување за улогата на тогашната профашистичка влада во Софија

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе