Вести Македонија Најважни

МНР на Македонија и Бугарија со различен став за инцидентите на границата – нови навреди и квалификации по вчерашниот ден

Поминаа полесно отколку за сообраќаен прекршок. Тројцата Бугари приведени вчера на „Деве Баир“ за најпогрдно и најдрско навредување на полицајци и обид за физичка пресметка, добија казна од 300 евра. Протерани се и забранет им е влез во Македонија во траење од три години. Пресудата за нарушување на јавниот ред и мир и за прекршување на Законот за гранична контрола, доцна вечерта ја изрече судот во Крива Паланка.

Овој случај влезе во билтенот на МВР и е слика на вчерашните тензии на границата со Бугарија. 150 Бугари со намера да одат на чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев останаа со часови заглавени на границата. Тоа го отвори патот за нови навреди и поткопување добрососедските односи.

На социјалните мрежи се појави статус на европратеникот и поранешен амбасадор во Македонија, Александар Јорданов, кој нареди низа навреди, пцости и квалификации за Македонците и го оцени како скандалозно однесувањето на граничната полиција. Од македонското МНР реагираат дека за ваквите навреди ќе испратат писмо до Европскиот парламент, а во долгото соопштение ги демантира наводите дека со Бугарија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев.

И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел од нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на граничната полиција. Согласно со утврдените протоколи за работа и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки, соопштија од македонското министерство за надворешни работи.

На ова претходеше, соопштението на Министерството за надворешни на Бугарија, од каде што уште вчера вечерта реагираа за тоа што бугарски државјани со часови чекаа да влезат во Македонија, заради проблеми со системот на пасошка контрола на границата.

Со длабоко жалење констатираме дека 4 февруари 2023 ќе влезе во историјата како датумот на кој властите во Северна Македонија, од крајно неубедливи причини и во спротивност со претходно дадените уверувања, не им дозволија на бугарските граѓани да оддадат почит на ликот и делото на Гоце Делчев. Министерството за надворешни работи однесувањето кон бугарскиот народ и Република Бугарија на властите во Северна Македонија го оценува како понижувачко и недозволиво, соопштија синоќа од бугарското мнр.

Помеѓу тројцата Бугари коишто беа приведени беше и пратеникот од бугарскиот парламент Ангел Георгиев. Според пишувања на медиумите, адвокатот на тројцата Бугари денес изјавил дека тие биле малтретирани и шест часа држени со лисици во станица.

Претходно, еден од оние радикали коишто со часови чекаа за влез во Македонија, беше и Виктор Стојанов од „Фондација Македонија“ којшто самоиницијативно си замина откако на Фејсбук правеше пренос во живо од случувањата на границата пред да избие инцидентот и приведувањето. Во меѓувреме, тој со црвено обележи полицаец од граничниот премин и понуди 200 евра за неговото име и презиме, а објавата од профилот ја снема.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 05.05.2024

Дејан Дејан

Им дал 25.000 евра, но наместо торба полна со денари, му дале торба со ливчиња – скопјанец наседнал на измама од двајца странски државјани

Дејан Дејан

(Видео) Повредени 155 полицајци, уапсени 74 навивачи – хаос во Берлин на меч од четврта фудбалска лига

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе