Народниот правобранител Насер Зибери во вечерашната Топ Тема на Телма откри дека последните две посети на претставниците на Народниот правобранител во затворот Идризово се соочуваат со сериозни проблеми, затоа што новиот директор на затворот ги третира претставниците на Омбдусманот како посетители.
Да не можат да влезат, ќе им се направи проверка, дали носите ова, па дали носите ова, па дури до соблекување на чевлите. Тоа е недозволиво! Често пати постапката од пријавувањето до влезот во затворот им трае од половина до еден час. За еден час таму може целосно да се промени ситуацијата и Народниот правобранител да добие сосема друга слика. Затоа се обратив до Управата за извршување на санкции и барав да се превземат мерки, во спротивно случајот ќе го изнесам во јавност. Тоа е недозволиво, не може претставник на институцијата Народен правобранител да се третира како посетител во затвор, рече Зибери.
