Унгарскиот националистички премиер Виктор Орбан прогласи победа на националните избори во неделата, и го започна својот четврти мандат на владеење во земјата. Во 10-минутниот говор пред функционерите и поддржувачите на партијата Фидес на изборната ноќ во Будимпешта, Орбан им се обрати на толпата граѓани која го извикуваше неговото име.
Според Националната изборна канцеларија, со преброени околу 91 отсто од гласовите, коалицијата предводена од партијата на Орбан – Фидес освои 53 отсто, додека проевропската опозициска коалиција, Обединети за Унгарија, имаше нешто повеќе од 34 отсто од гласовите.
Противкандидатот на Орбан, Марки-Зај, го призна поразот, велејќи дека иако неговата партија направила „се што е во ред“, „резултатите покажуваат дека по 12 години перење мозок Орбан секогаш може да победи на сите избори во оваа земја“.
Изборите во Унгарија беа неизвесни до самиот крај поради тоа што шест опозициски партии се обединија оставајќи ги настраната своите идеолошки разлики против десничарската партија Фидес. Унгарците вчера гласаа и за референдум, одговарајќи на четири прашања поврзани со неодамнешниот анти-ЛГБТ закон, кој забранува разговор со луѓе помлади од 18 години за промена на полот и хомосексуалноста.
Орбан кој е жесток критичар на имиграцијата, правата на ЛГБТ заедницата и „бирократите на ЕУ“ – го привлече восхитот на десничарските националисти низ Европа и Северна Америка, но, тонот на кампањата драматично се промени со руската инвазија на соседна Украина.
Мартин Николовски
