Редици пациенти кои чекаат за преглед, преполни амбуланти и над 120 прегледи има во КОВИД центарот во Битола само во последните неколку дена. Со над 400 активни случаи Битола после Скопје повторно е најголемо жариште на коронавирусот во државата. Сепак, за разлика од големиот притисок во амбулантите, нема голем број хоспитализации на Инфективното одделение, каде се околу 30 пациенти.
После новогодишните празници започна зголемениот број на прегледи. Поголемиот број на позитивните случаи се третираат амбулантски и во домашани услови. Намален е притисокот за хоспитализација. Најчесто се хоспитализираат повозрасни пациенти, невакцинирани и оние со голем број коморбидитети, вели Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.
Од Ценатрот за јавно здравје информираат дека се уште се работат анкетите со позитивните случаи, по што ќе може да се соопштат повеќе информации, на која возраст се заболените и од каде се заразиле. Бројот на позитивни двојно се зголеми и во Прилеп во однос на претходниот период, а од таму велат дека причина е празничната опуштеност на граѓаните
-Во последните неколку денови после новогодишните празници, зголемен е бројот на тестирања и бројот на позитивни случаи кои што се регистрираат на дневно ниво. Овој пораст на новозаразени беше очекуван со оглед на тоа што немавме построги мерки пред новогодишните празници. Очекуваме бројот на заразени да расте наредниот период. На дневна основа се прават околу 100 тестирања, а бројот на позитивни случаи во споредба со претходните недели е зголемна за 100 проценти, вели Татјана Станимировиќ, епидемиолог од ЦЈЗ – Прилеп.
Драматичниот пораст на новозаболени уште вчера го навести новиот бран. Според категоризацијата на Светската здравствена организиација, Македонија е во фаза на широка трансмисија, подниво 3, со умерен капацитет за одговор, за што има и соодветни препораки
Затворање на несуштински деловни активности или работење од дома, да се избегнуваат затворени простори, преполни места со можност за близок контакт. Спортски и слични настани треба да се одржуваат според строги безбедносни правила, на пр. без публика. Другите масовни собири треба да бидат прекинати, а големината на сите социјални собири треба да се намали“ се наведува во препораките на СЗО.
Веќе се очекува дека за многу скоро омикрон мутацијата ќе стане доминантна и кај нас. Од генетската лабораторија на клиниката Жан Митрев соопштија дека 75 проценти од сите позитивни пациенти тестирани со ПЦР тестови кај нив се заразени со омикрон. Во лабораторијата на Институтот за јавно здравје од 24 примероци, кај 9 е детектирана омикрон варијантата, што изнесува 37, 5 проценти од позитивните случаи.
Емилија Мисирлиевски
