Десетици повеќегодишни дрвја беа откорнати на повеќе локации низ Стар Дојран во силното невреме што синоќа ја зафати општината. Поројните дождови и силниот ветер искорнаа јавори, борови и багреми кои оштетија натсрешници, урбана опрема на плажата, неколку возила, како и кров на еден од дуќаните на градскиот пазар, информираа од Општина Дојран.

„Стар Дојран беше зафатен од силно невреме проследено со обилни врнежи и силен ветер, кое за среќа помина без повредени, но со значителна материјална штета. Екипите на ДППД Дојран, доброволци и екипите на ЕВН веднаш излегоа на терен и започнаа со расчистување на паднатите дрвја и санирање на штетите. На терен ќе останат сè до целосно расчистување на последиците“, објави доцна синоќа на својот Фејсбук-профил градоначалникот на Дојран, Илија Тентов.
Тентов упати апел до граѓаните да пријават непроодни улици, поплавени домови и подруми, за надлежните служби да можат навремено и соодветно да интервенираат.
Фото: ФБ профил на градоначалник на Дојран, Илија Тентов
