Ретка слика во македонскиот парламент. Сложно, 95 пратеници од сите партии и етнички заедници, ја изгласаа Резолуцијата за македонските црвени линии во преговорите со Бугарија.
ВМРО ДПМНЕ го даде предлогот, а СДСМ амандманот за употреба на уставното име. Сите партии покажаа сложност, иако тоа не ја ублажи лошата вест: во годината што измина, Бугарија двапати ни стави вето за почнување преговори со ЕУ – еднаш во јуни, еднаш во декември.
„Компромис не е можен бидејќи барањата задираат во нашиот национален идентитет“, се огласи поранешниот претседател Бранко Црвенковски по повеќегодишен молк.
И не се согласи со двата договори што ги потпиша неговиот наследник на партиското и на премиерското кормило.
Тоа не беше единствената причина за оставката што Заев ја даде само по еден месец. „Му пресудија“ изборните резултати на локално ниво.
Иако по месец и половина природно дојде до избори за негов наследник во партијата, Заев не дозволи да има недоумица. Речиси преку ноќ, Димитар Ковачевски му стана прв соработник, оној кој сам со лидерот преговара со другите партии за нова Влада.
Првите чекори на Таче потврдуваат дека неговата мисија е обединувачка. Ги враќа кадрите познати како „бранковисти“. Но, во таа приказна се уште не се појавил Максим Димитриевски, одметникот од партијата кој стана градоначалник.
Христијан Мицкоски пред изборите покажа поголем обединувачки капацитет. На време се смирија страстите на релација Кавадарци-Скопје.
По убедливата победа, на постизборниот конгрес, никој не се осмели да го предизвика на лидерската позиција.
Вистинскиот шарм на локалните избори повторно го направи ДУИ. Видоа дека цела кампања не може да се зборува за нивната зелена агенда.
Вешто ја избегнаа темата за пукање на предизборни митинзи, па пуштија уште една пробна бомба: претседател-албанец.
Идејата ќе почека барем уште две години. А по 20 години, стигна пописот, а со него и неизвесноста – колку сме и дали сме токму.
И покрај секојдневното меѓупартиско контрирање за секое прашање, ова сепак беше година кога разговорот па и договорот се покажа можен. Со една лидерска средба Заев-Мицкоски во март, антиковид мерките беа одблокирани, пописот одложен, изборите надградени со отисок од прст…
Другите сложни приказни се очекуваат годинава.
Соња Николовска
