Полицијата соопшти дека обвинител од Гостивар ја води истрагата и бил на увид кај Стража каде се случи тешка сообраќајна несреќа со жртва и повредени, а во неа учествуваше и осуденикот за случајот Рекет, Зоран Милески Кичеец.
Според МВР, Кичеец возел џип мерцедес и со него биле и двајца српски државјани кои се тешко повредени. Во несреќата учествувале и товарно возило сангјонг во кое во несреќата загинал 34-годишен жител на Гостивар како и возило БМВ. Покрај еден загинат, во несреќата тешко се повредени уште 4-ца, а Кичеец и уште двајца се полесно повредени. Несреќата се случила вчера попладне на превојот Стража односно во близина на Ново Село.
Затворската управа потврди дека Зоран Милески викан Кичеец е пуштен на медицинско отсуство од затворот во Струга каде ја издржува 3-годишната затворска казна откако призна вина во случајот „рекет“ каде беше обвинет заедно со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13.
Медицинското отсуство поради здравствени причини е издадено до 8-ми септември, а се уште од управата не соопштуваат како лице пуштено од здравствени причини се нашло во возило со двајца странски државјани и дали здравствената состојба поради која е пуштен да се лекува му оневозможувала да се движи и да патува.
Во продолжение соопштението на МВР:
На 04.09.2021 околу 15,30 часот било пријавено дека на магистралниот пат Гостивар-Кичево, во близина на новоселски гробишта во с.Ново Село се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило “мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од З.М.(41) од Охрид, патничко моторно возило “бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Е.Н.(23) од с.Радиовце-тетовско, и товарно моторно возило “фургон сангјонг“, со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Б.Љ.(32) од с.Д.Бањица-гостиварско. На местото на незгодата починал сопатникот од товарното возило С.Е.(34) од Гостивар. Со тешки телесни повреди се здобиле двајца сопатници од возилото “мерцедес“ П.Ж.(51) и М.М.(42) двајцата од Р.Србија, сопатникот од товарното моторно возило М.К.(31) од Гостивар и возачот Б.Љ., а со телесни повреди повреди се здобиле возачите З.М. и Е.Н. како и сопатникот од возилото “бмв“ Р.Р.(23) од с.Г.Палчиште-тетовско констатирани во Ургентниот Центар во Гостивар. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Гостивар во присуство на Јавен обвинител.
