Владата со нов подзаконски акт за којшто е задолжено МВР и пред да се изгласа законот за лични карти заглавен во Собранието, откочи над 40 илјади лични карти на граѓаните. Но експертите сметаат дека тоа е недозволиво, прво треба да се донесе закон па потоа да се носат подзаконски акти. Најверојатно е дека одат по логиката сменете е уставното име и тоа мора да се применува секаде, вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Повеќе од 41 илјада граѓани веќе се фотографиле и дале податоци за нови лични карти, 16 илјади од нив се одобрени, а повеќе од илјада лични карти во текот на викендот веќе се отпечатени, ни изјавија од МВР од каде потенцираат дека утре на граѓаните ќе им биде соопштено каде да ги подигаат своите лични карти. Овој пресврт во издавањето лични карти, пред пописот, новата учебна година и локалните избори се случи откако владата ги донесе подзаконските акти иако во Собранието не поминаа измените на законот.

Давитковски: Не е дозволиво менување подзаконски акти пред да се изгласа нов закон
За експертите е чудно како може недонесен закон да предизвика нови подзаконски акти. Најверојатно одат на логика по промена на уставното име дека сега старото не во важност, претпоставува универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Во неусвоениот закон од три члена никаде не е прецизирано дека секаде во законот наместо Република Македонија ќе стои Република Северна Македонија, освен што е наведено дека после усвојувањето на законот ќе следат нови подзаконски акти кои ќе ја нотираат промената на државното име.
Само во еден законски член од предлог-законот е наведено дека старите лични карти со Република Македонија ќе важат до истекување или најдоцна до 12-ти февруари 2024-та што значи дека за помалку од две и пол години ќе треба да се заменат сите лични карти.
Законот заглави во Собрание, а МВР предвреме односно пред да се изгласа го смени софтверот. Оправдувањето е дека мора да се почитува законот за јазици иако и претходно сите граѓани имаа право да вадат лични карти со податоци на јазикот што го користат.
Сега со предлог законот се предлага наместо службен јазик во членот 5 да стои одредница 20 проценти од населението. Единствено законско откочување е да се усвои законот, но пратениците се уште се на одмор.
Граѓаните со истечени лични карти најголеми проблеми имаа кога требаше да подигнат пари, социјална помош или субвенции од банка, а белешките од МВР за замена на официјални јавни исправи не беа прифатливи за финансиското разузнавање, по што владата одлучи пред изгласување на закон да ги донесе подзаконските акти.
Миомир Серафиновиќ
