Белград ја кочи Македонија на патот кон ЕУ, но и македонската влада не сака државата да влезе во Унијата и постојано наоѓа изговори. Ова го тврди членот на македонско- бугарската комисија за историја, проф. Кирил Топалов, во разговор за бугарска телевизија. Ја обвинува владата на Заев дека всушност се` повеќе го продлабочува конфликтот меѓу Македонија и Бугарија, затоа што тие фактички не сакаат да влезат во Европската унија, а се оправдуваат дека Бугарија не ги пушта.
Топалов обвинува и дека Македонија не го почитува Договорот за пријателство и добрососедство, потпишан пред четири години, а неодамна изгласаната резолуција во македонскиот парламент, според него, го прави овој договор бесмислен.
Премиерот ги негира обвинувањата. Вели дека, нема поголема стратешка аспирација за Македонија од ЕУ. Додека не се случи тоа, заедно со земјите од „Отворен Балкан“, прават се` за олеснување на животот на граѓаните.
Следниот состанок на заедничката историска комисија треба да се одржи по втората половина на октомври, но професорот не е многу оптимист дека ќе се постигне напредок. Оптимизмот и од македонската страна е на почек, затоа што се очекува политичка стабилност во Софија за продолжување на разговорите за решавање на спорот, но Бугарија повторно се соочува со нови парламентарни избори. Ова ќе им бидат трети избори во текот на оваа година, по неможноста ниту една политичка партија да формира нова влада, што го прави речиси невозможен и патот за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Далиборка Демјанска Цветановска
