Македонија Топ вести

Актуелни и поранешни пратеници, бизнисмени и доктори кандидати на ВМРО-ДПМНЕ

Актуелни и поранешни пратеници, градоначалници, советници, бизнисмени и доктори од ВМРО-ДПМНЕ ќе се обидат да ја освојат локалната власт на изборите наесен. Од партијата денеска открија 26 кандидати, повеќето нови лица, досега непознати за јавноста. Дел од нив веќе и ги објавивме, но, главните адути за поголемите градови се` уште се кријат.

Најпознато име на денешниот список е историчарката Наташа Котлар, кандидат за општина Центар. Но, таа не е од ВМРО-ДПМНЕ, туку од „Глас за Македонија“ на Солза Грчева, нивни коалиционен партнер  на претстојните избори. Од скопските општини е потврден и кандидатот за Кисела Вода, Орце Георгиевски, актуелен советник, кој е и организациски секретар на партијата. За Сопиште е кандидиран актуелниот градоначалник, Стевче Трповски, а за истата позиција повторно ќе се кандидира и градоначалникот на Петровец, Борче Митевски. За Гази Баба е потврдена кандидатурата на државниот советник, Бобан Стефковски, а за Илинден, актуелниот советник, Александар Георгиевски. За останатите скопски општини нема потврдени имиња.

Од поголемите градови е познат кандидатот за Штип, актуелниот пратеник Иван Јорданов. За Прилеп ќе се кандидира ортопедот Борче Јовчевски, а за Велес Марко Колев, поранешниот директор на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион. Бизнисмени се кандидирани за Кочани, Љупчо Папазов, за Радовиш, Александар Ристов и за Валандово, Тони Узунов.

Поранешниот пратеник од дијаспората, Ристо Манчев, пак, е кандидиран за Босилово. Експертот по земјоделски науки, Андон Сарамандов, е кандидат за Гевгелија, инженерот по компјутерски науки, Тихомир Николов за Росоман, агентот за осигурување, Драганчо Соботковски за Могила.  Агрономот Стевче Стевановски е кандидат за Новаци, социологот Спасе Кочовски за Вевчани, физиотерапеутот Јовица Илиевски за Брвеница, наставникот Андон Донев за Демир Капија.

Кандидатот за Богданци, Марјан Пеев е веќе вработен во општината, а за Кривогаштани, Александар Богдановски, е актуелен претседател на Совет во истата општина. Кандидатот за Конче, Златко Ристов, е поранешен бранител, а за Дојран, Филип Дончовски, е поранешен извршен директор на хидросистемот за спас на Дојранското езеро. За Неготино е кандидиран раководителот на Итната медицинска помош, д-р Горан Стојанов, а за Јегуновце, специјалистот по маркетинг, Димитар Костадиновски.

Од партијата велат дека избраните имале највисок рејтинг меѓу членството.

Адутите за Битола, Струмица, и повеќето скопски општини, не се откриваат. Иако вчера проструи информација дека за Куманово ќе биде кандидиран актерот Тони Михајловски, тој денеска не се најде на списокот. Кандидатот за град Скопје ќе се знае дури на крајот на август. За најголемите градови нема потврдени кандидати ниту од СДСМ, кои најавија дека до 23 август ќе ги комплетираат списокот. Сѐ уште траат преговорите и со коалиционите партнери од ДУИ, од каде доаѓаат информации дека Висар Ганиу повторно ќе биде номиниран во Чаир, Хекуран Дука во Дебар, Еркан Арифи во Липково, Рамиз Мерко во Струга и Блерим Беџети во Сарај. Според партијата, анкетите покажале и висока поддршка за Фатмир Дехари за Кичево, Невзат Бејта за Гостивар и Теута Арифи за Тетово.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Уапсен е турски државјанин кој со Мерцедес „летал“ на автопатот „Пријателство“ со 203 км/ч

Tea Dimkovska

31 година од геноцидот во Сребреница: „Тишината зборува најгласно“

Tea Dimkovska

Левица: Инвеститорите профитираат благодарение на ДПМНЕ – Македонците ја губат можноста за сопствен дом

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе