Прогласувањето кризна состојба овозможува координирано користење на сите ресурси во државата.
Опфатени се капацитетите на министерствата за внатрешни работи, за одбрана, за здравство, Центарот за кризи, Дирекцијата за заштита, но и на единиците на локалната самоуправа, на јавните претпријатија, установи и служби, на трговските друштва кои имаат посебно значење, па дури и ресурсите на граѓаните и на други правни лица, во согласност со договор.
Претпладнето, одлуката за 30-дневна кризна состојба ја донесе Владата, по предлог на Управувачкиот комитет за координација.
Учеството на Армијата, како помош на полицијата, го определува претседателот на државата. Тој уште пред три дена прогласи тревога за целиот армиски состав и побара координирано учество во справувањето со пожарите.
Генералштабот соопшти дека Армијата има уставна обврска да им помага на граѓаните и на институциите при елементарни непогоди. 200 припадници се ангажирани веднаш, а во текот на денешниот ден 400 гасат кај селата Истевник, Робово и Умлена.
“Хеликоптерите МИ 8/17 на воздухопловниот ВИНГ максимално се користат во согласност со техничките можности и стриктните летачки безбедносни процедури. Имаат направено повеќе од 100 лета и исфрлено повеќе од 200 тони вода на локациите што им ги посочи Центарот за управување со кризи” – велат од Генералштабот на АРМ
Кризната состојба е предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат животот, здравјето и добрата, како и безбедноста на државата. Доколку има потреба да трае повеќе од 30 дена, треба да одлучи Собранието. Собранието одлучува и за вонредна состојба, во случај на големи природни непогоди или епидемии.
При такви околности, какви што имавме минатата година со пандемијата, Владата добива право и за носење уредби со законска сила.
Соња Николовска
