Избори 2020 Македонија Топ вести

ОДИХР: Денот на изборите е последното делче од изборната сложувалка

ОДИХР веќе го пишува прелиминарниот извештај за изборниот процес во земјава, но сепак се чека изборниот ден да ја пополни последната празнина од сложувалката, вели во интервју за Телма, шефицата на Мисијата на ОДИХР за изборите, амбасадорката Лаима Андрикиене. Иако пандемијата со Ковид-19 го сменил форматот на мисијата на ОДИХР, од набљудувачка во Специјална мисија за проценка на изборите, со само девет члена, Андрикиене вели дека тоа не влијае врз нивното сеопфатно следење на работата на изборната администрација, кампањата, медиумите. Иако оваа година без краткорочните монитори, ОДИХР на 15 јули сепак ќе посетат и одреден број гласачки места.

– Амабасадорке поради коронавирусот мандатот на ОДИХР за овие избори не е широк мониторинг, туку проценка на изборите. Може ли тоа на каков и да е начин да влијае врз крајната слика за изборите, бидејќи ОДИХР со мониторингот досега ја даваше клучната оцена дали денот на изборите и гласањето биле спроведени според меѓународните стандарди, фер и слободни?

„Важно е да кажам уште на самиот почеток дека нашата мисија и секоја набљудувачка мисија на ОДИХР не се фокусира само на изборниот ден туку се фокусира и на вкупниот изборен процес. Поради тоа нашиот основен тим и нашите аналитичари покриват различни прашања и тоа ја вклучува изборната администрација, регистрацијата на гласачите, изборната кампања, финансирање на камапњата, медиумското покривање на камапањата, како и целата законска рамка која го покрива изборниот процес. Денот на гласање е многу важен, но тоа не е единственото што ние го набљудуваме. Форматот на мисијата, бидејќи ОДИХР мора да се прилагоди на моменталната состојба, ние ја мониторираме кампањата тука и политичките партии исто така мора да се прилагодат на моменталната состојбата, знаете нема повеќе големи митинзи и т.н. и ние сме сите во тоа, работиме во исто опкружување. И моменталната состојба, ковид-ситуацијата, влијае врз сите засегнати страни во изборниот процес“.

– Она што овие избори ги прави различни од сите претходни е коронавирусот. Но Македонија не е првата земја која спроведува избори во ек на пандемијата. Какви се искуствата на ОДИХР од другите земји поврзани со избори во време на Ковид-19 и како тоа досега, генерално, влијаеше врз спроведувањето на избори?

„Кога на почетокот го споменавте форматот на нашата мисија – Специјална мисија за проценка на изборите – таа не е специјална бидејќи во Северна Македонија, туку е специјална бидејќи овој формат беше воспоставен од ОДИХР во многу други земји поради моменталната ситуација. Во Србија, исто така, ОДИХР воспостави специјална мисија за проценка на изборите, во Полска за претседателските избори, каде вториот круг е денеска. Исто така специјална мисија за проценка на изборите во Хрватска, каде беше различно, каде беше мисија за изборен мониторнг, но од која немаше прелиминарна изјава, таму го немаше овој инструмент во нивниот мандат. Ќе повторам, оваа многу специјална ситуација не обврзува да се адаптираме на неа и да го имаме овој формат кој го имаме. За тоа како Ковид влијае на излезноста. Како што знаете во Србија излезноста беше нешто повеќе од 50 проценти. Во Хрватска минатата недела беше 46%. Во Полска, на претседателските избори, уште повеќе, околу 60 проценти излезност. Пониско е од вообичаено, но сепак, бројките се добри. Па да видиме како ќе биде на 15 јули во вашата земја“.

– Првите наоди за изборната кампања и изборите ќе ги соопштите ден по изборите, но дали од она што досега сте го регистрирале работите се движат во вистинска насока или не?

„Ден по изборите, на 16 јули, ние ќе го имаме нашиот прелиминарен извештај за наодите. Сите елементи на нашиот мандат, сите аспекти ќе бидат покриени. Ние веќе работиме на нацрт-прелиминарната изјава, бидејќи многу делови од сложувалката се веќе на своето место и сликата е речиси целосна, но го чекаме и денот на изборите. Гласањето в понеделник, гласањето в вторник, потоа в среда – изборниот ден – и потоа ќе ја имаме нашата сликата завршена“.

– Бидејќи само девет луѓе се во Мисијата, ќе успеете да покриете доволно гласачки места за да имате јасна слика за тоа што се случува на денот на избори.

„Секако ние нема да бидеме во можност систематски да го набљудуваме изборниот ден во целата земја. Сепак, нашите членови на тимот ќе посетат одреден број на гласачки места и ќе го мониторираме гласањето, броењето, сумирањето. И исто така ние знаеме дека тука има голем број на локални набљудувачи кои ќе го мониторираат изборниот ден, претставници на политичките партии, како и организации кои веќе ги споменав. Па да го почекаме тој ден“.

– Што е она што се очекува од сите инволвирани во изборите и гласањето – и од политичките партии и од гласачите – за тие да бидат оценети како успешни?

„Едноставно треба да започнам со тоа дека овие се многу важни за вашата земја. И ние целсно ја признаваме важноста на овие избори. Северна Македонија е членка на НАТО од март оваа година. Барате да почмнете преговори со ЕУ подоцна оваа година или најбрзо што е можно, бидејќи северна Македонија е земја-кандидат за ЕУ од 2005 година. И Северна Македонија е суверена држава. И тоа е одговорност на оваа земја, на сите засегнати страни да гарантираат фер и демократски избори во Северна Македонија. Знаете ОДИХР не е тука да го гарантира тоа. ОДИХР е тука да набљудува и да оцени. И ветуваме наша објективност, наше немешање и да се надеваме на најдоброто. Се надевам дека сите учесници се свесни за она со што јас започнав – важноста на изборите за иднината на вашата земја и за сите граѓани на вашата земја“.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Претседателот на Управниот суд Сејдини ги отфрла тврдењата дека врши притисок врз судиите кои одлучуваат за тужбите на Европскиот фронт

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе