Чарлс Трети денеска беше и официјално прогласен за крал на Обединетото Кралство од страна на Советот за наследување на британскиот трон во палатата Сент Џејмс, официјалната резиденција на монархот.
Кралот одржа говор за да го одбележи неговото прогласување за нов монарх на Обединетото Кралство. Новиот крал се заколна и дека ќе ги заштити правата на црквата во Шкотска како што налага британскиот закон.
Чарлс потпиша две копии од документот што го содржи текстот на заклетвата. Двата примероци беа потпишани и од сведоци, меѓу кои и принцот Вилијам и кралицата Камила.
Што се однесува до крунисувањето, тоа најверојатно нема да се одржи повеќе месеци. Помеѓу прогласувањето на Кралицата Елизабета во фебруари 1952, и нејзиното крунисување во јуни 1953 поминаа 16 месеци.
Инаку, по барање токму на кралицата, денот на прогласување на кралот не е ден на жалост и поради тоа во текот на денешниот ден знамињата не се на половина копје.
