СДСМ побара кривична одговорност за случаите со неисправна вода за пиење во повеќе населени места низ државата, тврдејќи дека јавноста сè уште нема добиено официјален потпишан извештај за анализите на таканаречената „техничка вода“ во Гостивар. Од партијата повикаа на итни анализи на водата на национално ниво и утврдување одговорност за сите институции и лица кои, според нив, не презеле соодветни мерки.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија обвинувањата, оценувајќи дека СДСМ преку, како што велат, лаги и манипулации се обидува да ја прикрие одговорноста на своите кадри во Гостивар.
Според владејачката партија, контролата на квалитетот на водата е исклучиво во надлежност на локалните институции, а локалната власт во Гостивар ја поврзуваат со СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека во Гостивар веќе е обезбедена технички исправна вода за лична и домашна хигиена, додека безбедна вода за пиење се очекува да биде обезбедена во најбрз можен рок, согласно проценките на надлежните служби.
