Руското Министерство за одбрана соопшти дека армијата извршила повлекување од две области во регионот на Харков, со цел да се прераспоредат во Доњецк. Повлекувањето на Руската армија доаѓа по исклучително успешната украинска офанзива на тој дел од фронтот, која ги проби руските позиции и навлезе 50 километри во окупираната територија, заканувајќи се да ги отсече руските единици во Изјум. Руското Министерство за одбрана тврди дека станува збор за тактичко повлекување а одлуката била донесена за да бидат остварени целите на специјалната воена операција за ослободување на Донбас. Ова објаснување на Москва, е речиси идентично со тоа кога беше објавено повлекувањето на руската армија од регионот на Киев.
За таа цел во текот на три денови беше извршена операција за пренасочување и организирање на борбената група Изјум-Балаклија, кон територијата на Доњецката Народна Република. Во текот на операцијата беа спроведени низа одвраќачки и демонстративни активности за покривање на вистинските активности на војската, изјави портпаролот на Министерството за одбрана на Руската Федерација, Игор Конашенков.
Западните аналитичари оценуваат дека неочекуваната украинска офанзива крај Харков, потполно ја изненади руската армија, која беше наведена да очекува нов налет на Украинците на фронтот околу Херсон.
Во овој момент Вооружените сили на Украина ослободија и ја вратија контролата врз повеќе од 30 населени места во регионот на Харков. Во дел од селата во регионот мерки за да се обезбеди и зачува територијата веќе се преземаат. Постепено ја враќаме контролата и врз други населби. Насекаде го враќаме украинското знаме и заштитата на целиот наш народ, порача Зеленски.
Во меѓувреме, во Киев претседателот Зеленски го одликува со Орден за заслуги, највисокиот украински медал, Халук Бајрактар, директорот на турскиот производител на беспилотните летата „Бајрактар“ кои станаа симбол на украинскиот отпор. Додека Анкара со својата внимателна политика се постави како посредник повеѓу Москва и Киев, одржувајќи неколку рунди преговори и посредувајќи во постигнувањето на договорот за извоз на украинските житни култури, Бајрактар категорично одбива да ѝ продава оружје на Русија, соопштувајќи, во интервју за СиЕнЕн минатиот месец, дека ја поддржува Украина, нејзиниот суверенитет и нејзината борба за независност.
Игор Трајков
